Линкови за пристапност

СДСМ се повлекува од Договорот во Пржино

  • Соња Трајковска

Од партијата како причина наведуваат дека Советот на јавни обвинители одобрил само седуммина од 14 предложени обвинители во тимот на Специјалниот јавен обвинител

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се повлекува од меѓупартиските преговори за прашањата од Договорот од Пржино. Ова го потврди генералниот секретар на партијата Оливер Спасовски, откако претходно ваква изјава од Тел Авив даде и лидерот на партијата Зоран Заев.

„Ние сега се повлекуваме од преговорите на консултации во партијата. За нас Договорот од Пржино не е повеќе активен“, рече Спасовски, објаснувајќи дека причина за ова е тоа што Советот на јавни обвинители одобри само седуммина од 14 предложени обвинители во тимот на Специјалниот јавен обвинител, со што според него „е прекршен Договорот од Пржино и Законот за специјалното јавно обвинителство“.

Неговата изјава следеше откако претходно медијаторот во преговорите белгискиот експерт Питер ван Хауте соопшти дека партиите, по повеќенеделни преговори, и со пробивање на роковите, конечно постигнале договор за изборните закони, без да прецизира што всушност е договорено. Спасовски пак рече дека прашањето за изборниот закон „сега е ирелевантно и дека нема да дозволат да потпишат уште еден договор кој ќе биде палома хартија“.

И за специјалната обвинителка Катица Јанева, тоа што Советот на обвинители не го избра предложениот тим во целост „се крши Законот за специјално обвинителство и се прекршува договорот од Пржино“.

„Јас си останувам на тоа мојот тим да биде избран. Советот со ова го прекрши Законот за специјално јавно обвинителство, и го узурпира самиот договор во Пржино, се надевам дека во најскоро време ќе ја корегираат нивната одлука. Леташе авионот за да се потпише указот, јас другиот ден бев избрана од сите партии и затоа ја прифатив оваа задача за која мислам дека имам капацитет да ја сработам, си го сакам мојот тим“, изјави таа.

За Стево Пендаровски, професор и кандидат за претседател од СДСМ, целата ситуација е очекувана.

„Сите проценки кога се потпишуваше Договорот од Пржино беа дека работата ќе оди тешко. 99 проценти од сите експерти, аналитичари, политичари предвидуваа пробивање на сите рокови. Видовме дека Специјалниот јавен оббинител беше избран ноќта на 15 јуни на истекот на рокот, со изборните закони ги преминавме сите граници, а моите предвидувања се дека ќе се доцни и со изборот на техничката влада на 20 октомври. Системот кој досега беше на сила, распространет и длабоко вкопан не може да се исфрли од употреба или деинсталира се еден договор и за две три недели, или од 15 јули до Нова година. Ова беше очекувано“, вели Пендаровски, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.

Тој предвидува повторување на сценариото од јули.

„Сега меѓународната заедница ќе го повтори притисокот од 15 јули, така што може да се очекува од ЕУ, и посебно од Вашингтон голема интервенција за да се вратат партиите на истиот колосек. Односно да се почитува барем формалниот дел од договорот – роковите“.

За она што се случува сега со СЈО, за Пендаровски е „опструкција во најава“.

„Пред еден месец до Уставниот суд е поднесена иницијатива за Законот за специјалниот обвинител, а на тоа се надоврзуваат и изјавите на Јавниот обвинител дека се работи за политичка институција, а токму тој е еден од оние кој не е познат дека делува според професионалнни критериуми, туку по политички инструкции од страна. Неизборот на сите предложени помошници на специјалниот обвинител денеска не е колапс на целата институција. Тоа е само знак или предупредување до обвинителката од власта дека ако оди по тој пат, со најави за скорешни обвиненија, ќе има опструкции. Ова би го нарекол како жолт картон во фудбалот“, вели Пендаровски.

За утре во Скопје е најавена посетата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент и посредник во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за надминување на политичката криза во земјава, Иво Вајгл.

Според најавата, целта е „одблизу да се информира за текот на преговорите за спроведувањето на договореното од Пржино“, преку средби со со партиските раководства, а можно е и да присуствува и на работната група. Вајгл последен пат во земјава беше кога се потпишуваше анексот на Договорот од Пржино.

XS
SM
MD
LG