Линкови за пристапност

Односот врз Ромите на граничните премини


„Во тешки социо-економски услови, одлуката на ромската заедница да бара азил, за подобра иднина е логична и рационална“ смета активистот Абдулов.

„Нелогичен и нерационален е односот на државните институции, а особено односот на Министерството за внатрешни работи, кое врши расна профилираност и спроведува систематска дискриминација спрема Ромите, во нивните обиди да ја поминат државната граница на Република Македонија“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Зекир Абдулов, извршен директор на ромската невладина организација „Кхам“ (Сонце) од Делчево.

Зекир Абдулов, извршен директор на ромската невладина организација „Кхам“ (Сонце) од Делчево
Зекир Абдулов, извршен директор на ромската невладина организација „Кхам“ (Сонце) од Делчево

„Во изразено тешки социо-економски услови и околности, во кои имплементацијата на државните политики за Ромите стагнира, одлуката на ромската заедница да бара азил, со цел да си обезбеди подобра иднина, е логична и рационална. Оваа теза важи не само за ромската заедница во Република Македонија, туку и за секој поединец и заедница која се соочува со ситуација на бесперспективност за својот опстанок во општеството“, дециден е Абдулов, со кого разговаравме по повод конференцијата „Ограничување на правото на слобода на движење на Ромите при излез од граничните премини“ што неделава се одржа во Скопје.

На конференцијата свои излагања имаа Народниот правобранител Иџет Мемети, кој истакна дека проблемите со слободата на движење на ромската популација, во 2013 - 2014 станале масовна појава, како и претставници од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија и на Секторот за гранична контрола во Министерството за внатрешни работи, кои имале спротивставени ставови за тоа дали Ромите се изложени на дискриминација при обидот да заминат од Македонија на Запад, или македонската полиција само си ја исполнува законската должност.

„Само во периодот 2012-2013, од државната граница се вратени вкупно 15.590 граѓани, кои не успеале да го ’оправдаат’ преминувањето на државната граница. Најголем дел односно околу 90 %, се припадници на ромската заедница“, ни изјави Абдулов, според кого, „во просек, околу 7.000 граѓани од ромска националност на годишно ниво се враќаат од државната граница на Република Македонија, со образложение дека не ја поседувааат потребната документација и доволно парични средства за да можат да ја напуштат државата“.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Абдулов е дециден дека „овој однос на граничните службеници е незаконски и противуставен, бидејки како услов се однесува само на ромската заедница, и ги доведува Ромите во нееднаква положба со останатите граѓани. Истовремено, со ваквиот однос се кршат сите меѓународни конвенции и договори кои Република Македонија ги има потпишано, а се однесуваат на почитување на правото на еднаквост и недискриминација“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, минатата година, со поддршка на ОБСЕ, ја проверувал состојбата на граничниот премин Табановце, и заклучил дека постојат расно мотивирани дискриминаторски практики. „Само ромските патници биле прашувани каде одат, дали имаат гарантни писма за да одат во Србија, само Ромите биле прашувани колку пари носат и само Ромите биле симнувани од автобусите и испрашувани“, изјавила според медиумите, на конференцијата во Скопје, амбасадорката на ОБСЕ Нина Суомалаинен.

И поради таквиот однос кон Ромите, НВО „Кхам“ од Делчево како организација која подолго време работи на заштита на правата на ромската заедница, покрена над 20 судски постапки против Република Македонија, односно против МВР, во обид да ја докаже дискриминацијата и нееднаквиот третман кон Ромите што го вршат граничните службеници.

„Четири од поведените судски постапки се веќе правосилни и со истите се потврдува дискриминација и повреда на правото на еднаквост на граничните премини во Македонија. Очекуваме судските органи и во останатите 16 постапки позитивно да се произнесат бидејки наводните причини за „непоседување на гарантно писмо или недоволно парични средства“ се незаконски и не се услов за излез од државата“, изјави Абдулов за Гласот на Америка на македонски јазик.

Според него, и досега позитивно решените судски постапки, и успешната иницијатива за преиспитување на уставноста на членовите 37 и 38 од Законот за патни исправи, кои по нивна иницијатива биле укинати, се поттик и охрабрување за ромската заедница да се бори за своите права.

„Со пресудите во наша корист и со уставната иницијатива успеавме да ги натераме судските органи во Република Македонија и самите да ја потврдат дискриминацијата и повредата на правото на еднаковост кон ромската заедница. Но, се уште нема расположение кај актуелната власт во Македонија, оваа прашање да се реши, а во тоа се охрабрени и од пасивниот однос на земјите-членки на ЕУ, кои и покрај тоа што се свесни што се случува со Ромите во Македонија, се уште ништо не преземаат“, резимираше Абдулов.

Или, како што напиша во една своја колумна, пред речиси една година, младиот ромски новинар Дехран Муратов, „прашањето е до кога Ромите ќе молчат? Дали некогаш ќе имаат храброст да се спротивстават на дискриминаторскиот однос што им го прават на граничните премини? …. Зошто државата не им дозволува да заминат барем на неколку дена за да запознаат друга култура и традиција, да видат нешто различно што го нема во нашата земја?... Да, јас ја сакам мојата земја, но дали мојата татковина ме сака мене и оние како мене? Зашто државата ги гледа Ромите како граѓани од втор ред? Искрено се надевам дека надлежните ќе сфатат дека Ромите не се ендемски вид и нема по секоја цена да гледаат да ги задржат во државата, за да не исчезнат...“

XS
SM
MD
LG