Линкови за пристапност

Рикер ги осуди инцидентите во Македонија

  • Ведран Андоновски

Нападите - кукавички, оцени претставникот на Стејт департментот на брифингот во Центарот за странски новинари во Вашингтон.

Балканот и натаму е приоритет за американската влада, а патот до стабилност и просперитет е преку евроатлантската интеграција, резимираше заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер на брифингот за ситуацијата во регионот што денес се одржа во Центарот за странски новинари во Вашингтон.

Оние кои напаѓаат деца, ученици, навистина се најголемите кукавици, потенцираше Рикер на прашањето за последните инциденти во Македонија што ја зголемија меѓуетничката напнатост.

„Ги повикуваме сите страни да останат смирени. Треба да се постапи согласно законот, властите да ги утврдат фактите што се случило и да се спроведе законскиот процес“, рече поранешниот амбасадор на САД во Македонија.

Запрашан, пак, дали САД и другите НАТО-сојузници би извршиле притисок врз Грција да се согласи на прием на Македонија под референтното име, така што земјата уште на самитот во Чикаго би влегла во Алијансата, Рикер коментираше: „Особено сакаме Македонија да стане целосна членка на НАТО и во тој однос, ние, а мислам и сите сојузници, би сакале што е можно поскоро да се реши прашањето на името со Грција“.

Вишиот дипломат на Стејт департментот ја пофали неодамнешната средба на премиерите на Грција и Македонија, побара натамошни средби и дијалог со посредство на ОН, рече дека Вашингтон веќе подолго време смета дека решението е можно и заклучи дека тоа ќе биде од интерес не само на луѓето од двете земји, туку и на целиот регион.

XS
SM
MD
LG