Линкови за пристапност

Рамковски доби 13 години затвор


Судот донесе пресуда 14 месеци по апсењата во случајот „Пајажина“ во кој беа обвинети 23 лица.

Случајот „Пајажина“ доби судска разврска. 14 месеци по апсењата во случајот во кој беа обвинети 23 лица за затајување данок, перење пари, злосторничко здружување и измама на доверители во висина од околу 5 милиони евра, Кривичниот суд во Скопје изрече пресуда – казни затвор од 13 до 2 години, една условна казна, а тројца се ослободени од обвинението.

Највисоката казна затвор од 13 години ја доби Велија Рамковски, поранешниот сопственик на Телевизијата А1. Неговиот брат Амди и ќерката Емел се осудени на 6 години, колку што добија уште шестмина вработени и управители на фирмите од „Перо Наков“, кои, според обвинението, се дел од „Пајажината“, а неговиот син Хеди Рамковски, кој е бегство, е осуден на 7 годишна казна затвор. Високи казни и за поранешниот управител на А1 Дарко Перушевски – 5,5 години, и за Ѓултен Џемаили - 5 години, во чиј стан полицијата вели дека при претресот открила поголема количина пари. За останатите, затворските казни се до 2 години. Меѓу нив е и управителката на А1 Анета Кочишки, која изминативе неколку месеци беше во куќен притвор. Условна казна од 2 години му е изречена на новинарот Александар Дамовски, како управител на една од фирмите. Тројца беа ослободени од обвинението.

Рамковски и поголемиот дел од обвинетите мирно ги ислушаа пресудите. Очекувано - вака адвокатите на дел од обвинетите ги прокоментираа пресудите.

„Очекувано беше. Пресудата е резултат на конструкција на докази, селекција на докази и се надевам дека повисоките инстанци ќе го имаат тоа предвид“, изјави адвокатот Стеван Павлески.

„Ја очекуваме писмената пресуда за којашто сметам дека судијата ќе има сериозни проблеми да ја образложи“, изјави неговиот колега Никола Поленак.

Судот одлучи, петмина од 23- цата обвинети, меѓу кои Велија Рамковски, Дарко Перушевски и Емел Рамковска да останат во притвор во истражниот затвор во Скопје. Кочишки до правосилноста на пресудата ќе биде на слобода, а останатите обвинети во куќен притвор.

Во кусиот осврт, судијката Павлина Христовска рече дека се докажало дека биле виновни. Според судот, обвинетите „формирале организирана криминална група која перела пари, затајувала данок и оштетувала доверители“, а притоа биле користени 15 фирми во сопственост на обвинетите со адреса на „Перо Наков“ и во странство, повеќекратно се плаќале исти фактури, се давале позајмици без економска исплатливост, се правеле фактури со невиститнита содржина, се плаќало во кеш, пари се префрлале од една во друга фирма и на крај во странство. На тој начин, според пресудата, се избегнувале давачките кон државата и била направена штета од речиси 5 милиони евра.

Освен затворските казни, обвинетите треба да ја надоместат штетата на фирмите на кои им должеле, а сите предмети кои биле стекнати со криминалните дејствија ќе им бидат задржани, а со правосилноста на пресудата ќе им биде конфискуван и имотот стекнат со кривичните дела.

XS
SM
MD
LG