Линкови за пристапност

Иванов во ОН: „Македонија ја спречува илегалната миграција“


Македонскиот претседател во обраќањето нагласи дека мигрантската криза и заканите од тероризам се најголеми предизвици на денешницата

Светот се наоѓа на крстосница на бројни кризи. Влеговме во фаза на фундаментални промени на глобалниот систем. Се соочуваме со трансформации што тешко можеме да ги запреме и контролираме“, рече претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов на обраќањето на 71-то Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Тој рече дека светот има кризи во повеќе региони и на повеќе нивоа.

„Ако има еден збор со кој можеме да ја опишеме состојбата во светот денес, тоа е нестабилност“, оцени Иванов.

Од почетокот на овој милениум, Македонија е во отворена борба со глобалниот тероризам, изјави Иванов и додаде дека Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. „На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација“, се заложи претсдателот Иванов до делегатите и државниците во седиштето на ОН.

Според него, на европскиот хоризонт, се надзира нова реалност. „Под притисок од финансиската и кредитна криза, општествените и политичките шавови кои ја држат Европската унија полека почнуваат да попуштаат. Бришејќи ги внатрешните граници без да ги обезбеди коридорите, Унијата не може да ги заштити надворешните граници, рече Иванов и додаде дека ЕУ, денес, покрај другото е соочена со два клучни предизвици – мигрантската криза и заканата од тероризам.

Иванов рече дека првиот мигрантски бран, ги еродирал европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа, изјави Иванов. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. „Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ“, изјави шефот на македонската држава и додаде дека Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира.

Македонија 25 години е независна држава. Шефот на државата рече дека од првиот ден на независноста, „се соочуваме со постојани и директни закани кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите Нации. Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Според него, неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Македонија“. „Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа“, изјави Иванов.

Досегашниот однос кон мигрантите во некои европски земји направија, како што потенцираше Иванов – „гета без ѕидови“, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос, според него води кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

Тој се осврна на изборот за нов Генерален секретар на ОН. „Република Македонија го номинираше поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, Срѓан Ќерим за оваа одговорна позиција“. „Во оваа пригода, сакам да му посакам многу среќа на г-дин Ќерим, но и да го повторам повикот новиот Генерален секретар да биде избран од Источно-европската група на држави“, изјави шефот на македонската држава.

Македонскиот претседател во излагањето се осврна и на јубилејот. Како што кажа, во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствувала суровата реалност и на патот кон меѓународно признавање и интегрирање се соочила со многу блокади и претрпени штети. „Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство“, изјави Иванов од говорницата во ОН. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, нагласи претседателот, алудирајќи на НАТО и ЕУ. „Веќе 5 години Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, потенцираше шефот на македонската држава.

Тој истакна дека неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Македонија беше една од главните причини за постојаната внатрешно-политичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот, стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси, рече Иванов и додаде дека балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите.

За разликите за разликите за името, Иванов рече дека Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Според него, прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, загубено е драгоцено време, резигнирано констатираше Иванов.

„Ги поздравувам мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикувам да ги прошириме и да внесеме нови содржини. Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, изјави шефот на македонската држава.

Иванов од говорницата на Ист ривер на 71-то Генерално собрание на ОН, во обраќањето на македонски јазик, рече: „Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат“.

XS
SM
MD
LG