Линкови за пристапност

СДСМ ги враќа мандатите


Опозицијата останува надвор од Собранието, Груевски преговара и со Ахмети, и со Тачи

По неколкучасовната седница, ноќеска Централниот одбор на СДСМ ја прифатил вчерашната едногласна одлука на Извршниот одбор и, исто така едногласно, донел одлука да се вратат пратеничките мандати освоени на предвремните собраниски избори во неделата.

Ставот на Одборот е дека поинаква одлука би значела „признавање на резултатите од изборите и давање легитимитет на избори спроведени со систематска кражба на гласови“. Иако, според медиумските извештаи, во расправата биле изнесени и критики од пратениците од минатиот состав на Собранието за лидерите Зоран Заев и Радмила Шекеринска, а имало и расправа за евентуална оставка на Заев, тој останува на чело на партијата, а довербата на членството ќе се проверува и на постизборниот конгрес на СДСМ што ќе се одржи во мај.

Според партискиот портпарол Петре Шилегов, партијата решила и да не поднесува приговори до ДИК, затоа што не го признава изборниот процес: „Нецелисходно е да се поднесуваат приговори бидејќи во изминатиот период, поточно пред и на самиот ден на изборите, имаме поднесено 170 различни претставки, а сите тие или се одбиени, или никој за нив не реагира“.

И лидерот на НСДП Тито Петковски вчера обелодени дека во партијата едногласноа решиле да останат вон законодавниот дом, дека со таквата постапка покажуваат дека не ги интересираат само “удобните собраниски фотелји“ и дека „одговорноста за неизвесниот пат на Македонија е во рацете на Никола Груевски и Али Ахмети“. Тој потенцираше дека сепак, нема да дозволат Груевски неказнето да излезе од криминалната афера и го повика Јавниот обвинител „да не ја замајува јавноста и веднаш да покрене истрага“ за скандалот со наводното мито од 1,5 милиони евра во готово за премиерот.

Груевски вчера не ги коментираше непризнавањето на изборните резултати и најавите за неприфаќање на пратеничките мандати на СДСМ, но деновиве изрази надеж дека опозицијата сепак, ќе го промени ставот: „Сметам дека тоа е штетна одлука за државата и штетна одлука за самата партија која ја носи. Партијата сè уште има време да ја преиспита одлуката до формирањето на парламентот“.

Според уставните рокови, новиот парламент треба да се конституира најдоцна до 17-ти мај, или најмногу 20 дена по одржувањето на изборите, но се` уште е отворено прашањето на партиите што ќе партиципираат во новата извршна власт.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, досегашниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, веќе се закани со можна дестабилизација. „Доколку ДУИ не стане дел од Владата, ќе има нестабилност во Македонија“, изјавил Ахмети за косовскиот весник „Нова ера“. И додека премиерот Груевски одби да одговори на новинарските прашања за изјавата на Ахмети, изјавувајќи дека такви одговори ќе даде „кога за тоа ќе дојде време“, лидерот на Достоинство, партијата на бранителите на Македонија во конфликтот од 2001-ва, Стојанче Ангелов, реплицираше дека заканите не водат кон понатамошен соживот: „Го прашувам Ахмети на каква дестабилизација и нестабилност мисли“. Откако, пак, портпаролот на ДУИ Бујар Османи излезе со став дека „погрешно е разбрана изјавата на лидерот на ДУИ“, Груевски и Ахмети се сретнале и се договориле за формирање на работни групи од двете партии што ќе преговарат за составот на новата Влада. „На средбата се разговараше за изборниот процес, при што двајцата соговорници дадоа позитивна оценка за изборите и за демократската и слободна атмосфера во која се одвиваа“, се вели во заедничкото соопштение што го испрати ВМРО-ДПМНЕ.

Иако немаше официјално соопштение, сепак, според медиумите, Груевски се сретнал и со лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој му ги изнел партиските ставови за изборните нерегуларности од страна на ДУИ, но разговарале и за новата владина коалиција, а Тачи, според медиумите, наводно потенцирал дека ДПА е подготвена да ја поддржи новата Влада, без оглед дали неговата партија ќе биде дел од извршната власт.

Од друга страна, по средбата на лидерот на опозицијата Заев со американскиот амбасадор Пол Волерс на која присуствувале и заменик-претседателката Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, СДСМ испрати соопштение: „Претседателот на СДСМ укажа на конкретни примери за системски притисоци врз граѓаните на Република Македанија: поткупи, уцени и закани со директна инструментализација на полицијата, непостоечки гласачи во непостоечки влезови на згради и целосна медиумска блокада. Дел од овие системски слабости во Македонија се веќе нотирани во извештаите на американскиот Стејт департмент. Како еден од последните докази за изедначување на државата со партијата, констатирано и во последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, претседателот Заев го посочи непостапувањето на ниту една институција за коруптивниот случај Македонска банка, во кој е директно вмешан премиерот Никола Груевски“.

А додека еврокомесарот за проширување Штефан Филе во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање за постизборната ситуација во Македонија, потенцираше дека таа „за жал, е комплицирана“, изразувајќи надеж дека „за доброто на приближувањето на државата кон ЕУ, ќе биде обезбеден инклузивен процес да се решат овие прашања (спорните прашања за изборните нерегуларности – н.з.), за наредниот пат да не се соочиме повторно со истото“, поранешниот амбасадорот на ЕУ во Скопје, Ерван Фуере за „Балкан инсајт“ излезе со остра оценка за изборите, наведувајќи дека демократијата го губи своето значење во Македонија. Според Фуере, дефиницијата за демократија на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е „состојба каде што Владата ги контролира сите лостови на власта, вклучувајќи го судството и изборниот процес, не толерира никакви малцински или издвоени гледишта и користи страв и заплашување за да ја остварува својата власт над општеството“.

Според поранешниот евроамбасадор „со секои нови избори, политичката сцена постојано се влошуваше. Без оглед дали се работи за политичкиот дијалог кој речиси и да не постои меѓу политичките партии, или пак, за застрашувањата насочени кон јавната администрација во земја која што има една од најмасивните администрации во регионот, за зголемените меѓуетнички тензии и растечка клима на нетолеранција во државата или пак, за речиси целосната контрола на медиумите, што и обезбеди и најлоша позиција во целиот регион на Балканот кога станува збор за медиумските слободи, оценките на меѓународните организации едногласно посочуваат на сериозноста на ситуацијата во земјата“.
XS
SM
MD
LG