Линкови за пристапност

Пол Волерс заминува од Македонија


Американскиот амбасадор го завршува мандатот во амбасадата во Скопје, професионално и приватно задоволен

По шест години минати во Македонија, половина како заменик на амбасадорот на САД, и другата половина како прв американски дипломат, Пол Волерс, заминува од Македонија.

Она што ќе го понесе од Македонија во неговото професионално резиме се големиот број донации од американскиот народ и држава, организирани хуманитарни акции, а приватно, како што повеќепати има изјавено во овдешните медиуми, се природните убавини на Македонија, во кои уживал како планинар, традиционалната кујна и гостопримството.

Последните денови во Скопје ги минува во проштални посети со највисоките македонски државни претставници.

На средбата со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, како одлични, заеднички ги оцениле билатерални односи и долгогодишното стратешко партнерство меѓу САД и Македонија.

„Претседателот Иванов изрази благодарност за досегашниот придонес и ангажман на амбасадорот Волерс, во унапредување на билатералните односи и интензивирање на соработката меѓу двете земји, и искажа очекување дека продлабочувањето на политичкиот дијалог и соработката во сите сфери од заеднички интерес, ќе продолжи и во иднина“, се наведува во соопштението од Кабинетот на македонскиот претседател.

Амбасадорот Волерс, пак, како што се наведува „изразил задоволство од вршењето на дипломатската функција во земјава и искажа благодарност за поддршката од сите институции во Република Македонија. Тој додаде дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат евро-атлантските аспирации на Република Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи да ги негува пријателството и партнерството со Република Македонија“.

За соработката меѓу двете пријателски земји и за нејзино унапредување и продлабочување, преку нови форми, за борбата против тероризмот и за регионалната соработка, амбасадорот Волерс разговарал и со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

„Министерот Попоски ја поздрави успешната дипломатска мисија на амбасадорот Волерс и воедно, ја искажа благодарноста за неговиот личен придонес во унапредувањето на партнерските односи и на севкупната соработка меѓу двете пријателски земји, уверен дека истата ќе продолжи“, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Изминатите денови, американскиот амбасадор во заминување се сретна и со други локални и партиски функционери. Од градоначалникот на скопската општина Центар, Андреј Жерновски, амбасадорот Волерс добил книга „Мојата чудесна Македонија“, а како сеќавање на македонските специјалитети, пригодно издание на „Македонски готвач“.

Жерновски притоа ја потенцирал важноста од објективната поставеност на амбасадата на САД во процесот на мониторирање на локалните избори во Општина Центар, во 2013 година.

Во Тетово, амбасадорот се сретна со градоначлничката Теута Арифи и со лидерот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи.

Од Скопје, Пол Волерс заминува на нова должност во Вашингтон. Неговиот наследник Џес Бејли, на амбасадорската функција во Македонија доаѓа на почетокот на февруари, од позицијата заменик-амбасадор во Турција.

XS
SM
MD
LG