Линкови за пристапност

Филмот „Човек птица“ ги доби најважните Оскари


Драмата на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту, Академијата ја награди со четири статуетки

„Човек птица“ – приказна за поранешен филмски суперхерој кој се обидува да ја оживее својата кариера на Бродвеј, заработи четири Оскари, вклучувајќи ги оние за кинематографија и оригинално сценарио. Коавторот и режисер Алехандро Инриту кажа дека филмот бил базиран на необична приказна:

„Идејата беше навистина луда. Сценариото почнува со средовечен човек, во соблекувална, со скрстени нозе, како лебди, може да оди каде сака, и ние сме тука. Не знам како се случи, но се случи“, вели Инариту.

Ѕвездата од „Човек птица“ Мајкл Китон го загуби Оскарот за најдобар актер од Британецот Еди Редмејн, кој го играше физичарот Стивен Хокингс во „Теорија на се`“. Хокингс се бори со дегенеративната невролошка болест - АЛС.

Редмејн го посвети Оскарот на научникот и неговото семејство, како и на сите што се борат со оваа болест.

Најдобра актерка е Џулијан Мур, за улогата во „Се` уште Алис“ - уште еден филм кој фрла светлина на друга болест – Алцхајмеровата болест.

„Луѓето со Алцхајмертова болест заслужуваат да бидат видени, за да може да се најде лек“, рече Мур.

Оскарот за најдобра женска споредна улога отиде кај актерката Патриша Аркет за улогата во „Момчештво“, филм за растењето на едно момче, снимано во период од 12 години. Многумина очекуваа да освои повеќе, но доби само еден Оскар.

Признание за најдобар актер во споредна машка улога доби Џеј Кеј Симонс за „Виплеш“. Овој филм доби Оскари и за најдобра монтажа и звук.

„Гранд хотел Будимпешта“, стилизирана комедија, доби четири Оскари – за оргинално сценарио, за продукција, за костимографија и за шминка.

Оскар за најдобра филмска музичка нумера доби песната „Слава“ од филмот „Селма“ за убиениот борец за човекови права Мартин Лутер Кинг. Раперот Комон и пејачот Џон Леџенд, кој ја напишаа песната, расплакаа многумина со изведбата.

Најдобар странски филм беше прогласен полскиот „Ида“. Најдобар анимиран филм е „Големиот Херој 6“, а за најдобар документарец беше прогласен „Граѓанин Четири“ – филм за протекувачот на доверливи државни информации, Едвард Сноуден.

Водител на гала-настанот беше актерот и комичар Нил Патрик Харис. Поп-ѕвездата Леди Гага имаше изведба во чест на музиката на Џули Ендрус. Ендрус презентираше награди на годишнината на нејзиниот класичен филм „Звукот на музиката“.

Оскарите ги дава Академијата на подвижни слики и науки и доделувањето е врв на годината за филмската индустрија. Претставници на Академијата велат дека презентацијата ја виделе гледачи во над 100 држави во светот.

XS
SM
MD
LG