Линкови за пристапност

Дали се загрозени претставниците на ЕУ во Македонија?

  • Синиша Станковиќ

„Ние сме тука за да ви помогнеме, бидејќи сте земја-кандидат, но сега веќе започна негативна кампања против посредниците на ЕУ“, изјави амбасадорот Аиво Орав

Македонските медиуми ја пренесоа изјавата на амбасадорот на ЕУ во Скопје, амбасадорот Аиво Орав, според кого, Договорот од Пржино, сепак, не е мртов. Според Орав, договорот „прележал неколку болести, но дали ќе преживее, ќе зависи од партиите што се инволвирани. И двете страни се во право. Има аргументи и за почитување на датумот за избори, но и за одложување, бидејќи решавањето на многу прашања доцнеше“, изјавил евроамбасадорот. "Тука сме да ви помогнеме. ЕУ е обединета во тоа да ви помогне, заедно со САД, да излезете од оваа криза. Она што е важно за вас и за нас е да се одржат веродостојни, фер и инклузивни избори. Се надевам дека оваа интензивна терапија за неколку недели ќе помогне да се одржи во живот Договорот од Пржино", рече Орав на Собраниската комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

Но, вториот дел од изјавaта на Орав предзвика недоумица во јавноста. Тој денес ги потенцираше медиумските напади против европските претставници и посредниците во преговорите, кои понекогаш преминувале во конкретни закани, поради кои, според него, е кренато нивото на заштитата на безбедноста на претставниците на ЕУ.

„Ние сме тука за да ви помогнеме, бидејќи вие сте земја-кандидат, но сега веќе започна негативна кампања против посредниците на ЕУ, и на самиот комeсар Хан како и против неговиот експерт во Скопје, Ван Хауте… Дури и заканите се зголемени до таа точка што сме принудени да ги зголемиме мерките за безбедност", изјави Орав.

„За мене, заканите по безбедноста се во втор план во споредба со интересите на граѓаните, потребата од имплементација на итните реформски приоритети, како и потребата од формален договор помеѓу партиите во врска со изборите и со денот на нивното одржување“, изјави по повод ставовите на Орав, посредникот во преговорите за надминување на политичката криза Питер ван Хауте.

Но, иако за Ван Хауте постојат и поважни работи од заканите, сепак, изјавата на Орав отвара многу прашања за идентитетот на испраќачите на заканите преку медиумите и за тоа колку се безбедни во Македонија претставниците на ЕУ и посредниците, ако се до таа мерка конкретни заканите против еврокомесарот и посредникот?

XS
SM
MD
LG