Линкови за пристапност

Само во Америка: Неуспешни опции за брза храна


Само во Америка: Неуспешни опции за брза храна
Само во Америка: Неуспешни опции за брза храна

Во ерата на висококалорични, масни плескавици и друга брза храна, вегетаријанските опции не успеваат

Возете низ Америка и речиси сигурно е дека ќе наидете на еден ресторан за брза храна по друг. Мекдоналдс, Бургер Кинг, Соник, Тако Бел, Кеј-Еф-Си, Вендис, Хардис, Лонг Џон Силверс, Деари Квин, Арбис, Попајс, Сабвеј, Домино Пица ... и уште безброј.

Дури постои и синџир ресторани, едноставно именувани како „Фетбургер“ со асоцијација на маснотијата во месото.

Иако некои од овие локации за брза храна сега нудат неколку нискокалорични оброци, големата продажба и профитот отпаѓа на хамбургерите, пржените компирчиња, на милкшејк, прженото пилешко и мрсната пица. Токму оваа храна, како што смета Главниот американски советник за здравство, ја поттикнува епидемијата на прекумерна тежина во САД.

Наместо да се појават ресторани што нудат здрави, стручно подготвени, нискокалорични оброци, конкуренцијата во индустријата за брза храна се чини дека нуди уште покалорични производи со нездрави маснотии.

Крекер Барел е синџир од 600 ресторани лоцирани главно во близина на излезите на автопатите ширум САД. Нивниот основач Ден Евинс почина минатата недела. Неговите ресторани добија репутација и следбеници токму со служење вкусна, но висококалорична храна.

Некои од рестораните во индустријата отворија локации каде се служи храна како печена риба, зеленчук подготвен на пареа и слиични здрави алтернативи на прженото во длабока маст. Повеќето од нив банкротираа.

Главната причина е тоа што состојките и технологијата за производство на храна на големо чини многу. Исто така, тешко е да се најдат ниско платени готвачи кои ниско-калоричната храна можат да ја подготват брзо, а притоа да биде вкусна и интересна.

Ваквите места пропаѓаат бидејќи иако повеќето Американци велат дека сакаат ниско-калорични оброци, тие сепак нема да ги нарачаат доколку им се даде избор.

Некои стручњаци за храна веруваат дека синџирите ресторани што служат здрава храна ќе станат популарни штом се намалат трошоците за нивно производство или штом Американците ќе се навикнат на идејата на нарачување на ваква храна. Тука, неизбежно е да се спомене и навиката да се плати нешто повеќе за нив. Брз бургер од леќа и салата, наместо чизбургер и помфрит. Значи, патот до таму е долг и засега нема многу индиции дека трендот на здрава брза храна може да почне.

XS
SM
MD
LG