Линкови за пристапност

Обама на средба со првите лица на водечките високотехнолошки компании


Еден ден откако федерален судија пресуди дека владиното тајно собирање на телефонски податоци е најверојатно противуставно

Американскиот претседател Барак Обама денес ќе се сретне со директорите на водечките високотехнолошки компании, еден ден откако федерален судија пресуди дека владиното тајно собирање на телефонски податоци за американските граѓани е најверојатно противуставно.

Белата куќа најави дека Обама ќе се сретне со првите лица на компании како Гугл, Јаху, Епл и AT&T, за да разговара за загриженоста за приватноста, но и за друго, одвоено прашање - начинот на кој би ја подобрил владината страница за здравствена заштита, HealthCare.gov.

Минатата недела, неколку компании, меѓу кои и Гугл, Епл и Мајкрософт, побараа од Обама и Конгресот да воведат нови ограничувања на програмите за следење за кои тие велат дека `и дале преголеми овластувања на владата.

Во обид да спречи терористички напади против САД, тајната Агенција за национална безбедност (НСА) со години собирала големо количество на телефонски броеви на кои се јавувале луѓето, датумите кога се направени тие повици и нивната должина, но не и нивната содржина.

Вчера, американскиот федерален судија Ричард Лион во Вашингтон се изјасни дека собирањето на такви информации е најверојатно против законот, согласно Уставот на САД. Тој наведува дека „не може да замисли подискриминирачки и попроизволен упад“ во приватноста на луѓето од владиното собирање на такви информации без претходно судско одобрение. Во пресудата на судската жалба на собирањето на информации, Лион вели дека шпионирањето „посекако“ ја прекршува уставната забрана за нелегални потраги.

Тој веднаш не ја изврши пресудата, давајќи и` на владата можност да поднесе жалба пред повисок суд.

Нешто порано годинава, поранешниот работник под договор на американското разунавање, Едвард Сноуден, достави информации до медиумите за собирањето на телефонски податоци. Тоа беше само едно од редицата откривања на информации од вкупно 1,7 милиони документи колку што НСА тврди дека Сноуден украл пред да побегне во Хонг Конг и потоа да побара азил во Русија.

Врз основа на информациите што 30-годишниот Сноуден ги обелодени, весниците Гардијан и Вашингтон пост објавија бројни детали за набљудувањето што го вршела НСА. Проценувајќи ја штетата, претставникот на агенцијата Рик Леџедт за ТВ-емисијата „60 минути“ завчера коментираше дека Сноуден „ги зел клучевите од кралството“.

Американските власти побараа Сноуден да биде испорачан за да му се суди за шпионажа, но Русија одби. Портпарол на Белата куќа вчера кажа дека Сноуден треба да биде вратен во САД што е можно поскоро, за да му се суди за доставување на строго доверливи информации.
XS
SM
MD
LG