Линкови за пристапност

Обама во инспекција на штетата од Ајрин


Обама во инспекција на штетата од Ајрин

Обама во инспекција на штетата од Ајрин

Тропската бура Ли губи од силата, но последиците од ураганот што го погоди источното крајбрежје остануваат

Американскиот претседател Барак Обама ги повика политичарите во Вашингтон да не играат политички игри со федералната помош за жртвите од минатонеделниот ураган Ајрин.

Претседателот во неделата лично се увери во опустошувањето на Ајрин за време на посетата во Њу Џерси. Го посети градот Патерсон, кој беше жртва на обилни дождови.

Ураганот Ајрин ја истури разурнувачката моќ долж источното крајбрежје, од Северна Каролина на југ до Вермонт на север. Бурата е причина за 40 загубени човечки животи и штета од милијарди долари.

Посетата на Обама доаѓа во време кога метеоролозите велат дека може да уследи уште една недела на обилни дождови во североисточниот дел на САД.

Во меѓувреме, тропската бура Ли изгуби од силата. Сепак, Ли и натаму истура пороен дожд во сојузните држави од Мексиканскиот залив, Луизијана и Мисисипи.

Американскиот национален метеоролошки центар соопшти дека Ли ќе донесе 50 сантиметри дожд во неколку сојузни држави додека полека се движи кон долината Тенеси.

Во градот Њу Орлеанс во Луизијана важат предупредувања за поплави и евакуација за областите кои се под морското ниво.

Властите велат дека силните ветришта од Ли ги разгореа шумските пожари во делови на источен и централен Тексас. Новинската агенција Ројтерс јави дека повеќе од илјада домови во Остин, Тексас, се под закана од големите пожари. Тексас, кој е погоден од суша, засега нема дожд како последица од Ли.

Другата бура Катја се` уште се наоѓа на отворениот Атлански океан и се движи кон северозападотиот дел на САД.

Катја е во втора категорија на скалилото од пет и се очекува денеска да стекне сила на ураган. Катја предизвикува големи бранови долж југоисточниот дел на САД, но не претставува закана за било која копнена област.

Септември се смета за месец како врв на сезоната на урагани во Атлантикот, а само досега веќе беа именувани 12 бури.

XS
SM
MD
LG