Линкови за пристапност

Обама: алтернативни извори, а не нафтено дупчење на секоја педа


Претседателот реагира на критиките од политичките ривали дека не прави доволно за развивање на домашните резерви на нафта и гас.

Американскиот претседател Барак Обама ги нападна политичките ривали дека заговараат погрешна енергетска политика што ќе ги остави САД на милост од светот.

Претседателот говореше синоќа пред публика од студенти во колеџ во близнината на Вашингтон, во време кога растат цените на бензинските пумпи.

Неколку републикански претседателски кандидати деновиве го критикуваа Обама дека не прави доволно за да ги развие домашните резерви на нафта и гас. Тој, пак, возврати дека „дури и да вршиме дупчење на секоја педа во Америка, тоа нема да го реши проблемот“. Претседателот кажа дека дури и кога САД максимално би го зголемиле производството на сите потенцијали резерви на нафта, повторно би биле зависни од странска нафта. „Не можеме да дозволиме да бидеме заложник на настаните од другата страна на планетата... Америка треба да има контрола врз својата судбина“, рече Обама. Тој предупреди дека напредокот и побарувачката за автомобили во земјите како Кина и Индија, но и немирите на Блискиот Исток, само одат во правец на зголемување на цените на нафтата.

Според Обама, САД треба да се фокусираат на развивање на алтернативните извори на енергија, како ветрот и Сонцето, но и да ги укинат големите даночни олеснувања за нафтените компании.

XS
SM
MD
LG