Линкови за пристапност

Обама во акција против политичката штета од проблемите со Обамакеар


Невешто постапивме во остварувањето на законот“, вели американскиот претседател

Во обид да избегне натамошна штета од, како што вели самиот, невештото остварување на законот за здравствена заштита, американскиот претседател Барак Обама синоќа понуди решение.

Потегот уследи по се` поголемата политичка бука околу големите технички проблеми на владината Интернет-страница за избирање на здравствено осигурување, основана согласно законот за реформа на здравствената заштита, донесен по иницијатива на Обама. Од 1-ви ноември, кога беше отворена страницата, се имаат пријавено нешто над 106.000 лица, што е далеку под она што го очекуваше владата.

Обама ја уважи фрустрацијата на Американците, најверојатно милиони од нив, на кои им беа укинати осигурителните полиси и требаа да најдат нови согласно новиот закон, но не можеа да го сторат тоа поради проблемите со страницата.

„Со право е да очекуваат од мене да им ја вратам довербата - конкретно во овој закон за здравствена заштита, и воопшто, за редица прашања. Тоа е моја грешка. Невешто постапивме во остварувањето на законот“, рече синоќа американскиот претседател.

Решението што го понуди е осигурителните компании да ги продолжат за една година укинатите полиси, но кажа дека тоа зависи од самите осигурителни компании и од поединечните сојузни држави.

Во време кога Обама и онака ужива рекордни низок рејтинг откако стапи на функцијата, Американците поставуваат прашања за компетентноста на неговата влада. Истражување на Галуп покажа дека 55% од испитаниците се против законот што репубиканците веднаш го нарекоа - Обамакеар. Според претходните анкети, Американците во основа беа поделени по прашањето, но натежнуваа кон тоа дека се против.

Говорејќи за политичките реперкусии од целата ситуација, Обама призна дека постои опасност за демократските кандидати на конгресните избори наредната година. Кажа дека се чувствува лично одговорен што им ја отежнил работата на демократите, но додаде и дека не треба да се заборави дека пред Обамакеар, американскиот систем на здравствена заштита бил во статус-кво ситуација што воопшто не функционирала.

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер смета дека малиот број на пријавени на владината Интернет-страница е доказ дека законот Обамакеар не успеал и дека треба да се отповика.

„Што се однесува до законот за здравствена заштита, Белата куќа нема голем кредибилитет. Да бидеме искрени, единствениот начин Америкаците целосно да се заштитат е овој закон да се отповика, еднаш-засекогаш. Нема друг начин да се поправи ситуацијата“, кажа Бејнер.

Обама, пак, возвраќа дека републиканците немаат алтернатива на Обамакеар со кој е планирано 40 милиони Американци, претходно неосигурни, да добијат здравствена заштита по пристојна цена.
XS
SM
MD
LG