Линкови за пристапност

Обама: Заслужувам втор мандат


Обама: Заслужувам втор мандат

Обама: Заслужувам втор мандат

Американскиот претседател се повикува на подобрувањето на економијата.

Американскиот претседател Барак Обама смета дека заслужува втор мандат, повикувајќи се на најновите економски податоци што укажуваат на отворање на нови работни места во САД.

Во интервјуто за ТВ-мрежата НБЦ, Обама оцени дека економската ситуација во моментов е многу подобра отколку пред три години кога дојде на функцијата, но напомена дека, „работата не е завршена“. Тој се повика на најновиот извештај на владиниот Оддел за труд според кој стапката на невработеност во јануари опаднала петти месец по ред, а биле создадени 250.000 работни места.

Републиканските претенденти за претседателските избори сметаат поинаку, тврдејќи дека економијата не заздравува доволно брзо и дека политиката на Обама е неефикасна. Четворицата преостанати републиканци во трката во моментов се на кампањи во сојузните држави Колорадо и Минесота, пред тамошните партиски изборни состаноци во вторник.

Фаворитот, поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, на прв поглед не би требало да има проблеми да победи во Колорадо, како што тоа го стори во соседна Невада. Но, според анкетите во Минесота, таму може да победи кој и да е` од кандидатите, а блага предност има поранешниот сенатор Рик Санторум. Поддршката за поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич навидум е во опаѓање. Во трката учествува и тексашкиот конгресмен Рон Пол.

Ромни досега победи на прелиминарните партиски избори во Њу Хемпшир, Флорида и Невада, а се надева дека добро ќе заврши и во Колорадо, Минесота и во сабота во Мејн.

Но, доколку Санторум победи во Минесота, а биде втор во Колорадо, на пример, би можел да стане најголем ривал на Ромни. Според анкетите, Санторум солидно се котира и во Мисури.

Њут Гингрич ветува дека ќе се бори за претседателската номинација до самиот крај. Конвенцијата на Републиканската партија ќе се одржи во август во Тампа, Флорида.

XS
SM
MD
LG