Линкови за пристапност

„Њујорк на Гери“


Драматична висококатница за подлабок џеб

Најпозната урбана панорама во САД доби нова архитектонска ѕвезда - висококатница што дава изразит модерен белег на Њујорк. Се издига преку 260 метри над Менхетен. Највисоката станбена зграда во западната хемисфера е дело на познатиот архитект Френк Гери.

Наречена „Њујорк на Гери“, 76-катницата е со драматичен изглед. Драматична и цената да се живее во неа: месечната кирија за апартман на најгорниот кат чини 65 илјади долари; за повеќето станови – од 3 до 12 илјади. А заинтересирани – повеќе отколку што има станови, вели агентот со недвижнини Клифорд Фин.

„Немаше доволно згради со поскапи станови, а имаше таква побарувачка, од различни причини“, објаснува агентот.

Авторот Гери се инспирирал од скулптурата од 17-от век, Екстаза на светицата Тереза на Џан Лоренцо Бернини, што е особено видливо на фасадата.

Гери во зградата ги враќа издадените прозорци - одлика на многу стари згради во Њујорк.

„Стоите на отворен простор, прозорецот ве опкружува и глетката од поголемите височини во Њујорк е уникатна“, вели архитектот.

Од апартманите на врвот се гледаат Статуата на слободата, новиот Светски трговски центар, облакодерот Емпајар стејт, мостовите. Гери ја дизјанирал и внатрешноста. Големи спални, отворен дневен простор, современи кујни. Од заедничките простории – вежбална, сала за билијард, па дури и виртуелен голф, плус кино-сала и отворен и затворен базен.

Весникот Њујорк тајмс ја нарекува „најпрефинетата висококатница што се издигнала над Њујорк последниве 46 години“.

XS
SM
MD
LG