Линкови за пристапност

Не припаѓам на ниту една банда


Интервју со Милчо Манчевски, режисер, амбасадор на културата, хроничар

Човекот кој со „Пред дождот“ ја стави Македонија на филмското небо, деновиве често патува. Македонскиот амбасадор на културата по неколку месеци не е во базата во Њујорк: предава на филмски школи, учествува во жирија на фестивали, отвора изложби на фотографии. Вели - не мирува, иако подолго време го нема во македонската јавност.

Последните две години беше зафатен и со последниот негов филм, „Мајки“. Само со него, зад себе има 30-тина фестивали, од Берлин до Торонто, од Сао Паоло до Истанбул. Имаше и изложба на фотографии, „Пет капки сон“, и во Амстердам, и во неговиот Њујорк, и во Софија. Вонредно предава на филмската школа ВГИК во Москва.

Како гледа на „Пред дождот“ од речиси 20-годишна перспектива?

„Кога тргна на поход по светот, играше во 50 земји, во редовна дистрибуција во кина, на телевизија. Се печатеа рецензии на филмот и покрај нив имаше мапа на Европа, со заокружено каде е Македонија - на пример во Јапонија - како се изговара зборот. Тоа е факт што не можеме да го избегнеме, дали ни се допаѓа или не“, се присеќава Манчевски.

И среќен сум поради тоа, затоа што не се чувствувам дел од никаков културен естаблишмент.

За филмските искуства со и за Македонија, резигнирано констатира: „И покрај успесите на филмовите што ги работам, јас во Македонија останав аутсајдер. И среќен сум поради тоа, затоа што не се чувствувам дел од никаков културен естаблишмент. Не припаѓам на ниту една банда. Денеска ми е исто толку тешко да најдам финансии за мојот следен филм колку што ми беше тешко пред 30 години, кога дојдов тазе дипломиран од САД и кога на клоци ме избркаа од Македонија“.

Самото снимање за него е истражување. Вели - моите филмови се од Македонија, а не за Македонија. Тоа се филмови за луѓе, а луѓето се секаде исти, било каде во светот.

За меѓународните предизвици пред кои е исправена Македонија денес, Манчевски со коментар:

„Не е лесно да си мал, при тоа и сиромашен и мораш да бидеш многу мудар, вреден, паметен, чесен и кон себе и кон сите луѓе во мала земја, за во тие меѓународни предизвици да не го јадеш стапот. Треба многу чесен, сплотен и заеднички ангажман, за Македонија да постигне нешто во тој меѓународен ангажан, за животот во самата земја да стане поубав“.

Го завршил новото сценарио за филм и размислува каде ќе го реализира, најверојатно во Берлин. Подготвува и нова изложба на фотографии, по патеките на претходните „Улици“ и „Пет капки сон“.
XS
SM
MD
LG