Линкови за пристапност

Претседателот на ОМД сведочеше во Конгресот


Мето Колоски пред Поткомисијата за распределба на средства побара да се зголеми помошта на САД за Македонија

Во Поткомисијата за распределба на средства во Претставничкиот дом, задолжена за државни, надворешнополитички и други програми, синоќа се одржа распит за бројни каузи на политички, економски и невладини организации.

Од дијаспората, говореа претставници на македонската, ерменската и азербејџанста заедница во САД. Претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Коловски ја акцентираше помошта на САД за Македонија во изминатите две децении, но оцени дека треба да се зголеми.

„Во фискалната 2011-та, американската помош за Македонија беше 27,5 милиони. Ставката во предлог-буџетот за 2016-та е 11,3 милиони. Тоа е сериозно, драматично намалување, за само пет години. Нашата заедница е сериозно загрижена дека нивото на понудените средства не ги одразува точно блиските односи меѓу двата сојузника, особено со оглед на Договорот за стратешко партнерство меѓу САД и Македонија од мај 2008-ма. Ја повикуваме поткомисијата ова целосно да го разгледа“, рече Колоски.

Обединетата македонска дијаспора го најави сведочењето на Коловски како прво во Конгресот на еден Американец од македонско потекло. Според Колоски, честа да го застапи гласот на половина милион Американци со македонско потекло воедно ја подразбира и како обврска да продолжи со лобирањето за македонската кауза.

„Возбуден сум што сум првиот којшто ги застапува потребите, интересите и битноста за повеќе средства од САД за Македонија, како и за различните американски проекти поврзани со безбедноста и патот кон членство на Македонија во НАТО“, изјави првиот човек на ОМД.

XS
SM
MD
LG