Линкови за пристапност

Груевски утре поднесува оставка

  • Синиша Станковиќ

„Ние како партија стоиме зад договорот, зашто се потпираме на вас. Јас давам оставка заради вас“, им порача на граѓаните премиерот во заминување.

Во обраќање на нацијата од Владата, директно пренесувано во живо од медиумите, во пресрет на утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан премиерот во заминување и лидер на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва по македонско време , соопшти дека утре ќе испрати писмо до претседателот на државата со кое ќе поднесе оставка на функцијата, согласно Договорот од Пржино потпишан во летото 2015 од лидерите на четирите најголеми партии во парламентот. Сепак, Груевски потенцираше дека неговата оставка е условена, односно дека ќе важи од стотиот ден пред закажаните избори, со што повторно се остава можност за пролонгирање на предвремените парламентарни избори, кои според Договорот од Пржино се закажани за 24 април.

Со тоа, и покрај многуте шпекулации во медиумите и закани од редовите на владеачката ВМРО-ДПМНЕ - дека доколку дојде до одлагање на изборите не важи ни Договорот од Пржино - се оствари денешната најава на посредникот во преговорите Питер Ван Хауте кој потенцираше дека е убеден оти премиерот Груевски ќе поднесе оставка на функцијата и ќе го почитува потпишаниот договор

„Нашата земја е предолго заглавена во политичка криза“, рече Груевски кој потенцираше дека и минатото лето потпишаниот договор бил обид за нејзино надминување и потенцираше колку е важно да се надмине кризата за да се продолжи со инвестициите и со економскиот развој. „ВМРО-ДПМНЕ направи многу компромиси, за што бевме и критикувани, но за доброто на државата. СДСМ според договорот доби 2 министри со ресор и 3 заменици министри, се избра и Специјален јавен обвинител и нов состав на ДИК во кој и претседателот и секретарот се блиски на опозицијата. Ние ги исполнивме сите наши обврски“, изјави Груевски, кој истакна и дека Изборниот законик бил променет по барање на опозицијата.

Според него, сега е време да се закажат изборите, но и дека последните изјави од опозицијата фрлаат сенка на тој процес. Груевски тврди дека тоа се прави за Македонија да се држи во заложништво и дека е тој против таквото однесување.

Груевски најави дека најголема победа против валканата кампања која според него се води во последните 18 месеци е победа на чисти избори, кава што била и последната победа на неговата опција. Таквата победа тој ја нарече победа за добро на држават, постигната заедно со народот.

„Ние како партија стоиме зад договорот, зашто се потпираме на вас. Јас давам оставка заради вас. Вие се знаете и вам се ви е јасно и вие ќе го кажете вашето мислење на следните избори“, рече Груевски, и порача дека по победата на следните избори, по многу гнев и агонија, па дури и обидите за безбедносен колапс на Македонија, по победата на следните избори тој нема да се вража на , како што рече, старите изборни сплетки на опозицијата, зашто има големи планови за развој на економијата.

Истакнувајќи дека држи до дадениот збор, Груевски порача: „Мојата програма е за Тебе, за твоето семејство, твојата работа, твоите приходи...“ порачувајќи и дека заложба на неговата партија е да се средуваат работите, Груевски рече дека граѓаните имаат право да бараат од политичарите да го исполнуваат ветеното и дека новата победа ќе биде и „отфрлување на облакот на неизвесноста и нов ветер во грб“, како и дека неговата е оставка е „важен чекор заради мојата верба во вас“.

Тој им порача на граѓаните дека заедно со нив ќе се договара за иднината на татковината, дека Македонија верува во себе и знае што прави и дека тој верува во граѓаните, како и дека по изборите, „цврсто и со гордо крената глава ќе кажеме – успеавме!“

XS
SM
MD
LG