Линкови за пристапност

Нови протести во Македонија

  • Синиша Станковиќ

Пред Владата од фрлен камен е полесно повреден полицаец, а пред општината Чаир бил повреден снимател на ТВ Телма.

Неколку илјади учествуваа на денешните протести во Скопје, со кои граѓаните – муслимани, главно етнички Албанци, реагираа на, според нив, „обидот на Владата да инсценира монтиран политички процес“ против уапсените во акцијата „Монструм“, осомничени за петкратното убиство на 12-ти април кај Смилковското Езеро.

По главната петочна молитва во 13:30, и овој протест, како и протестот од минатиот петок, започна од пред Јахја Пашината џамија, околу која било видно присуството на полициските сили. Демонстрантите во релативно мирна атмосфера, со транспаренти „Сопот 2“„ и „Муслиманите не се терористи“, се движеа кон судот. Скандирајќи за УЧК, „Алах е голем“, „Јанкулоска е радикалнa христијанка опасна како за муслиманите, така и за христијаните!“, „Никола Груевски е терорист“, и со истата иконографија од претходниот протест - со aлбански знамиња и исламски обележја, демонстрантите овој пат имаа и подготвено сопштение за целта на протестите.

„Со целосна искреност ја споделуваме болката за убиените млади Македонци и бараме нивните убијци час поскоро да бидат изнесени пред лицето на правдата. Протестираме поради навредите што ги упати Владата кон албанскиот народ, навредувајќи им ги верските чувства, газејќи по достоинството на нашите неправедно уапсени сестри. Најостро реагираме на обидот на Владата да инсценира монтиран политички процес... Веруваме дека правдата ќе излезе на површина“, стои во соопштението од анонимните организатори, според кои и овој протест е спонтано организиран на социјалните мрежи.

Демонстрантите, кои соопштија дека се „згрозени од албанските политички партии“, и дека „заменикот министер на МВР Џељал Бајрами и портпаролот на ДУИ Бујар Османи ги легитимирале навредите врз албанскиот народ“, побараа од меѓународната јавност, од ОБСЕ, САД и ЕУ да инсистираат да се формира независна истражна комисија под нивна контрола, од меѓународни експерти од Турција Албанија и Косово, за да се расветли случајот со петкратното убиство и односот кон уапсените во акцијата „Монструм“.

Иако протестите беа главно без инциденти, сепак, има и повредени. Пред Владата од фрлен камен е полесно повреден полицаец, а пред општината Чаир бил повреден снимател на ТВ Телма кој веднаш бил пренесен во болница да му биде санирана повредата. Од фрлени камења од демонстрантите во грбот и ногата биле повредни и уште еден телевизиски снимател и еден фоторепортер.

За време на траењето на протестот пред Владата биле фрлени камења и искршени неколку прозорци на зградата. Откако демонстрантите извикувале навредливи пароли за министерката за внатрешни работи, за премиерот Груевски и за лидерот на ДУИ, Ахмети, во помали групи се вратиле назад кон Бит пазар и Чаир.

Протести во исто време беа закажани, и во, како што беше напишано во повиците на социјалните мрежи - „албанските градови“: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево и Струга.

Околу 300 граѓани протестирале во Тетово, кои, според медиумските извештаи, пред зградата на судот скандирале погрдни извици за христијаните. Пред седиштето на ДУИ се обиделе и успеале да го пробијат полицискиот кордон, но не влегле во зградата. Во изјавите, одделни граѓани тврделе дека не се терористи, туку верници, и побарале оставка од министерката Јанкулоска. Во Кичево се собрала помала група на граѓани кои протестирале и изнеле обвинувања дека поради политички интереси на поединци се нарушува меѓуетничката и меѓуверската толеранција и соживот во Кичево.

Најавените протести и во Струга и во Дебар не се одржале.

Во Куманово, кусиот протест на стотина исламски верници завршил мирно. „Не сме против казнување на виновниците, доколку се докаже дека се вистинските убијци, ние тоа ќе го подржиме, но, не прифаќаме со полициските акции и понатаму да се сее страв меѓу албанското население“, изјавиле учесниците за ТВ Канал 5.

Мирен бил протестот и во Гостивар, каде учесниците носеле исламски верски симболи и знамиња на Албанија и протестирале по улиците во центарот на градот и пред зградата на Основиот и Апелациониот суд. Според ТВ Сител, со скандирања „Алах е голем“, „Долу Влада“, „Долу ДУИ“, „Ние сме муслимани, не сме терористи!“, демонстрантите протестирале по улиците низ центарот за протестот да заврши на градскиот плоштад.

Иако вчера и премиерот, и лидерите на албанските партии повикуваа на мир и на разум и на неучествување на Албанците во протестите, според првичните проценки на репортерите, денешните протести беа побројни од минатонеделните.

Премиерот Груевски вчера порача дека е демократско право на секој човек да протестира, но и дека секој што ќе го оствари тоа право, треба да сноси и лична одговорност. „Треба да се мисли и за денот потоа“, порача премиерот и апелираше да не се подлегне на манипулации или туѓи агенди.

И покрај тоа што официјално не излезе со став за протестите и досега не одговори на упатените прашања на Гласот на Америка на македонски јазик, според медиумските извештаи и Исламската верска заедница се придружила кон апелите против протестите, а претставници на ИВЗ во текот на ноќта и утрината биле во посета на неколку џамиски одбори каде ги убедувале локалните членови, верниците да не излегуваат на протести.

Покрај американската амбасада, која вчера со соопштение повика на смиреност, денес и делегацијата на ЕУ апелираше за мирни и достоинствени протести и им порача на граѓаните „да дозволат правниот процес да го следи својот курс во согласност со законите и судските процедури“.

Евроамбасадорот Аиво Орав денес од Охрид го повтори ставот на ЕУ за протестите, потенцирајќи дека „право на секој граѓанин е да протестира, но имајќи ја предвид сложената ситуација, се разбира дека организирањето вакви протести носи и огромни одговорности. Мошне важно е и самите граѓани да веруваат дека институциите работат за доброто на сите, односно во интерес на правдата, а криминалците ќе ја добијат заслужената казна“.

Вчера реагираа и владеачката ДУИ, и опозицоната ДПА.

Лидерот на ДПА, Мандух Тачи, ги замоли Албанците да не излегуваат на најавените поротести. „Ќе ги замолам денеска сите Албанци да не се приклучуваат на утрешните протести затоа што не ги знаеме организаторите. Не смееме да влетаме во авантури, не смееме да ги надоврземе работите од етнички и религиозен аспект. Ние никогаш не сме имале религиозни проблеми, етнички – да“, рече Тачи.

Во соопштението на ДУИ стои дека партијата апелира - граѓаните да имаат трпение и да им дозволат на институциите да ја завршат својата работа во случајот со петкраткното убиство. „Јавниот ред и законот мора да се почитуваат од сите ученици на протестите за да се избегнат какви било инциденти и злоупотреба на мирните протести од страна на разни групи“, се вели во соопштението. Со него ДУИ ги уверува граѓаните дека „ја следи истражната постапка во секој чекор и инсистира на правично одвивање на истрагата кон откривање на случајот, без разлика на етничката или верската припадност на осомничените за овој тежок криминален акт“.

По повод најавите на социјалните мрежи на Интернет за организирање на нови протести како одговор на веќе најавените протести, Дирекцијата за заштита на личните податоци упати повик до јавноста социјалните мрежи да не бидат „алатка за организирање протести кои повикуваат на насилство и нарушување на државниот ред и поредок, како и средство за повикување верска, национална или расна нетрпеливост и омраза“. Во денешното соопштение стои дека Дирекцијата презела мерки против злоупотребите на социјалните мрежи на Интернет и за отстранување на профилите и групите кои се лажно креирани, како и дека „откривањето и санкционирањето на креаторите односно администраторите на ваквите профили и групи, подразбира и поднесување кривични и прекршочни пријави, бидејќи со ваквите дела се нарушува приватноста и се злоупотребуваат личните податоци на субјектите“.

XS
SM
MD
LG