Линкови за пристапност

И шесто лице осомничено за тероризам


Медиумите се повикуват на потврда од Кривичниот суд дека на лицето Хаки Хазири му е одреден 30-дневен притвор.

Акцијата „Монструм“ продолжува да се развива. Иако и МВР и минситерката Гордана Јанкулоска ги демантираа медиумските извештаи дека е уапсено уште едно лице во врска со петкратното убиство кај Смилковското Езеро, денес медиумите објавија добиле официјална потврда од Кривичниот суд дека лицето Хаки Хазири е шестоосомничениот за тероризам во актуелниот случај и дека му е одреден 30-дневен притвор.

Всушност, МВР ја демантираше вчерашната вест на една скопска телевизија дека е „уапсен шестоосомничен во врска со терористичкиот акт кај Смилковсото Езеро“.

„Приведување на нови осомничени нема. Сите кои што беа приведени со соодветни пријави или посебни извештаи, беа процесуирани пред Јавниот обвинител и судот, кои, согласно законот и сопствените ингеренции, ја водат натамошната постапка“, стои во соопшението на МВР.

И Јанкулоска беше децидна дека во последните 24 часа, полицијата не извршила нови приведувања.

„За тие прашања поупатен е судот. Судот во секој момент може да одлучи дел од постојните одлуки да ги преиначи, да преземе нови дејствија, бидејќи во оваа фаза истрагата практично ја води истражниот судија. МВР постапува по сите наредби доколку ги добие и стои целосно на располагање и на обвинителот и на истражниот судија“, изјави министерката.

Хазири, за кого неговите роднини за медиумите тврдеа бил уапсен во акцијата на 1-ви мај и дека потоа не можеле да го лоцираат, е всушност осомничен за тероризам, но не како директен извршител на петкратното убоство, туку како помагач. Откако цела седмица од апсењето на Хазири ниту неговото семејство, ниту неговиот адвокат немале информации за него, семејството го пријавило случајот во Внатрешната контрола на МВР, но не добило одговор од полицијата каде бил Хазири минатите седум дена

Дел од медиумите во денешните вести објавуваат дека Хазири во почетокот на истрагата се водел како заштитен сведок, односно, откако бил опфатен во постапката на Јавното обвинителство, на сопствено барање бил ставен како заштитен сведок на истрагата, но и дека потоа го загубил тој статус. Електронските медиуми денес наведуваат и дека Хазири бил еден од десетмината приведени во акцијата „Монструм“ за кои МВР поднесе посебен извештај до Обвинителството и дека по извршениот распит под сомнение за тероризам, му е одредена мерка 30 дена притвор.

Полицијата претходно против пет лица, тројца директно осомничени дека се извршители на убиствата и двајца помагачи, поднесе кривични пријави за тероризам, од кои двајца се во бегство.

XS
SM
MD
LG