Линкови за пристапност

Бунтовниците бараат одмрзнување на либискиот имот


Бунтовниците бараат одмрзнување на либискиот имот
Бунтовниците бараат одмрзнување на либискиот имот

Претставник на либиските бунтовници е на турнеја низ Европа; САД предложија нацрт-резолуција до ОН

Водачот на Транзициониот национален совет на Либија, Махмуд Џибрил, ја продолжува турнејата по неколку европски земји во обид да обезбеди ослободување на милијарди долари замрзнат либиски имот.

Џибрил во четврток се среќава со италијанскиот премиер Силвио Берлускони, еден ден откако имаше разговори со францускиот претседател Николас Саркози.

За време на посетата на Франција, водачот на либиските бунтовници подвлече дека „поголемата, пожестока битка“ за обнова на Либија се` уште не е започната. Тој ја повика француската влада да го ослободи либискиот замрзнат имот што е можно побрзо, велејќи дека се надева оти кризата може да биде почеток на стратешко партнерство со оваа земја.

Саркози истакна дека ќе ја поддржи мисијата на НАТО во Либија за заштита на цивилното население колку што е потребно. Саркози претходно изјави дека ги поканил светските лидери на земјите кои себеси се сметаат за „пријатели на Либија“ на 1-ви септември да се состанат во Париз на разговори за либиската иднина.

Истовремено, Советот за безбедност на ОН се подготвува да гласа по резолуција со која би се одмрзнал имот во вредност од 1, 5 милијарди долари за итни хуманитарни потреби.

Нацрт-резолуцијата што САД ја доставија доцна синоќа се предлага ослободување на 500 милиони долари за потребите на меѓународните хуманитарни организации и помош за финансирање на повикот на ОН за хуманитарна помош. Други 500 милиони би биле употребени за да се купи гориво за електрична енергија, погони на вода и болници. Остатокот е предвиден за потребите на социјалните услуги, вклучувајќи го образованието, здравствената заштита, храна и други хуманитарни потреби.

XS
SM
MD
LG