Линкови за пристапност

Награда од Обединетата македонска дијаспора за Киро Глигоров

  • Синиша Станковиќ

Награда од Обединетата македонска дијаспора за Киро Глигоров

Награда од Обединетата македонска дијаспора за Киро Глигоров

Иселениците му ја врачија награда за животно остварување на првиот претседател на независна Македонија

„Најмалку што можеме да направиме ние, членовите, раководството на Обединетата македонска дијаспора, е да ви ја врачиме оваа награда. Тоа за нас преставува огромна чест, но и поттик секогаш да го имаме во сеќавање вашето дело како мотивација за секојдневната мотивација во нашето работење“, се вели во образложението за доделување на Наградата за животно остварување, која највлијателната невладина организација на македонските иселеници, Обединета македонска дијаспора, со седиште во САД и Канада и со ограноци во Европа и Австралија, во рамки на одбележувањето на 20-те години од осамостојувањето на Република Македонија, му ја додели на првиот претседател на незацвина Македонија Киро Глигоров.

Одлуката за доделување на наградата беше донесена на глобалната Годишна конференција на македонската дијаспора што се одржа од 23 до 25 јуни годинава во Вашингтон, а претставници на ОМД денес во Скопје му ја врачија наградата на Глигоров, за неговите заслуги – „за неговото животно дело посветено на Република Македонија“.

Според иселениците, кои се залагаат за оддавање почит на сите лица што дале свој придонес за Македонија, доделувањето на наградата на претседателот Глигоров е израз на благодарност за неговата исторска улога во процесот на создавањето на модерната македонска држава и за неговиот исклучителен придонес во периодот на осамостојувањето на Македонија, кога, според образложението, „погрешните потези можеа да ја одведат иднината на Македонија во несакан правец“.

„Вие останавте доследен на македонското дело и се изборивте нашата земја да застане на сопствени нозе на почетокот на новата доба во меѓународните односи. Погрешните потези можеа да ја одвеат иднината на Македонија во несакан правец, бидејќи одлуките беа условувани од разни актери во нашето регионално опкружување. Такви беа околностите при осамостојувањето на Македонија. Тешко може да се замисли товарот од вековната борба за слобода на изморен и истрошен народ врз грбот на само еден човек. Тежината ја искусивте токму Вие, а историјата ќе сведочи за клучните чинови од кои Македонците ќе извлечат мудри заклучоци“, се вели во образложението на ОМД за наградата.

Киро Глигоров кој беше првиот претседател на Македонија и функцијата ја извршуваше во два мандата (1991-1999), според соопштението на неговиот кабинет, заблагодарувајќи се на наградата, потенцирал дека во почетните и тешки години на самостојна Македонија „инспирацијата во работата ја црпел од непресушната мудрост на македонскиот народ кој се определил за мирен, демократски и достоинствен пат кон остварување на вековниот стремеж за сопствена држава“.

„Македонија е се` што имаме. Ја сочувавме и ќе ја сочуваме за навек, во согласност со заветот на нашите предци, но и со долгот што го имаме кон жртвите за македонското име и македонската самостојна држава“, рекол Глигоров.

XS
SM
MD
LG