Линкови за пристапност

Кери: средствата на Моамар Гадафи ќе помогнат во ерата по Гадафи


Кери: средствата на Моамар Гадафи ќе помогнат во ерата по Гадафи
Кери: средствата на Моамар Гадафи ќе помогнат во ерата по Гадафи

Претседавачот со сенатската комисија за надворешни односи Џон Кери изјави дека со заштитата на либиското цивилно население од мисијата предводена од НАТО во тек е планирање на пост-ерата на Моамар Гадафи. Сенаторот Џон Кери зборуваше со новинарите во Капитол Хил по состанокот со лидерот на либискиот транзициски национален совет.

Сенаторот Кери вели дека првата фаза од меѓународната воена интервенција во Либија е успешна:

„Првиот дел од мисијата е успешен, а тоа беше заштита на цивилното население од копнените сили на Гадафи“, изјави Кери.

Демократот од Масачусетс зборуваше со новинарите заедно со лидерот на либискиот транзициски национален совет Махмуд Џабрил.

Иако смената на Моамар Гадафи допрва треба да се постигне, Кери подвлече дека наскоро се планира одржување на седница на Советот:

„Транзицискиот совет ја изложи рамката за демократска Либија по Гадафи. Но, на нив очигледно ќе им треба помош. Полковникот Гадафи систематски врши репресија врз клучни институции од неговата влада и граѓанското општество. За функционална демократија ќе биде неопходно тоа повторно да се изгради.“

Џабрил се надоврза на коментарите од сенаторот:

„Од првиот ден на востанието во Либија, сонуваме и имаме визија да изградиме демократска земја која ќе се темели на на устав, почитување на човековите права и активно граѓанско општество“.

Но, тој подвлече дека Либијците во моментов имаат голема потреба од помош:

„Либијците имаат потреба од секаква помош. Имаат потреба од засолниште, храна, медицина. И по падот на режимот, ќе имаме потреба од социјално помирување, национален консензус кој треба да води кон реизградба на нашата држава“.

Џабрил повика на одмрзнување на финансиските сметки на Моамар Гадафи. Сенаторот Кери вели дека подготвува предлог-резолуција за авторизирање на трансфер на тие средства на сметката на Транзицискиот национален совет, притоа изразувајќи надеж за нејзино брзо усвојување во Конгресот.

Во Белата куќа, портпаролот Џеј Карни одби да коментира за разузнавачките информации дека САД за здравствената состојба и локацијата на полковникот Гадафи, но додаде дека „тој треба да замине од власта“.

XS
SM
MD
LG