Линкови за пристапност

Јануш Бугајски: Не е исклучено Груевски да добие нов мандат


Аналитичарот од Вашингтон ја коментира политичката ситуација во Македонија

Аналитичарот од Центарот за европската политика и анализи Јануш Бугајски ја коментира оставката на премиерот Груевски и што значи тоа за неговата политичка кариера?

„Ќе видиме на изборите. Се надевам дека изборите ќе се одржат и опозицијата нема да ги бојкотира. Се надевам дека правилата за одржување регуларни избори ќе се почитуваат и нема да има кршење на изборните правила. Не би ја исклучил можноста ВМРО-ДПМНЕ да победи уште еднаш на изборите и Никола Груевски повторно да биде премиер. Тоа е можност. И да не биде повеќе премиер, верувам дека се` уште ќе има проминентна улога во партијата“, вели Бугајски.

Пред Македонија најголем предизвик е да се испочитува целосно Договорот од Пржино, смета Бугајски. Тоа, според него, значи да се прочисти избирачкиот список, да се регулира влијанието од медиумите, да се реформира изборниот законик, констатира овој аналитичар од Вашингтон.

„Се` уште има време. Се наоѓаме на почетокот на февруари. Најлошо што може да и` се случи на Македонија е бојкот од било која партија, особено од најголемата опозициона партија, затоа што ако ги дисквалификува, би значело, доведување во прашање на легитимитетот и мандатот на изборите“, вели Бугајски.

Според него, најлоша работа што може една политичка партија да направи е самата да се исклучи од изборниот процес, иако не треба да се занемари ниту улогата на меѓународната заедница во целиот процес.

„Постои можност изборите да се одложат. Додека не се направат промени, не се спроведат реформи за изборниот процес“, заклучува овој аналитичар.

Односите меѓу САД и Македонија ги окарактеризира како напнати во последните две години, особено по скандалот со прислушувањето. Бугајски смета дека и обидот на владејачката партија во Македонија да креира еднопартиски систем се коси со заложбите на Вашингтон и изгледа дека земјата се враќа назад кога станува збор за демократите реформи што ги спроведува во последните 20 години.

XS
SM
MD
LG