Линкови за пристапност

Иво Вајгл: Непотребно одложување на Договорот од Пржино


Европратеникот изрази надеж дека ќе се испочитува временската рамка за негова имплементација

Извештајот за напредокот на земјава и тоа дали Македонија ќе ја загуби препораката за земја-членка на ЕУ, зависи од имплементацијата на Договорот од Пржино, изјави денеска европратеникот Иво Вајгл, кој од вчера е во земјава на одвоени средби со лидерите на политичките партии.

„Се надевам дека временската рамка за имплементација на Договорот ќе биде испочитувана. Не станува збор за доцнење од еден или два дена, туку дека целиот процес, кој е во интерес на сите, треба да се испочитува. Мислам дека непотребните одложувања можат да предизвикаат големи проблеми за Македонија. Ако Договорот не се имплементира, земјата може да се види како држава во криза, а ние верувавме дека со постигнување на Договорот од Пржино, кризата е надмината. Сакам да видам дека и медиумите го поддржуваат Договорот и го зголемуваат притисокот кон политичките партии да се придржуваат кон договореното“, рече тој, додавајќи дека „искрено се надевале дека кризата во државата е надмината со потпишување на договорот од Пржино“. Ги повика медиумите да вршат поголем притисок врз политичките партии за да се придржуваат до обврските од договорот.

„Би сакале да ја видиме Македонија како кредибилна држава кандидат за членство во ЕУ. Секако, зависи од дебатата во Собранието, имплементацијата на Договорот и од способноста во април да се одржат транспарентни, фер и демократски избори“, рече Вајлг.

Вајлг, беше еден од европарламентарците кои посредуваа во постигнувањето на Договорот од Пржино. За понеделник, е најавено доаѓање на еврокомесарот за проширување Јохане Хан во Скопје, за, според Брисел, „проценка на реализираното од договорот во Пржино“.

Во меѓувреме, од СДСМ соопштија дека преговорите помеѓу четирите партии за отворените прашања нема да продолжат се` додека не се испочитува и спроведе Законот за Специјално јавно обвинителство, односно не се изберат целокупниот предложен тим обвинители на Катица Јанева.

Преговорите се блокирани од пред два дена, откако Советот на јавни обвинители избра само половина од предложените членови во тимот на Специјалниот јавен обвинител, а СДСМ се повлече на дополнителни консултации. Истиот ден, по повеќенеделни преговори, четирите партии преку работните групи договорија голем дел од изборните закони.

Според она што го соопштија, новина е што гласачите, на денот на гласањето, наместо да се идентификуваат со отпечаток од прст, тоа ќе биде со фотографија во избирачкиот список ќе има фотографија, онаа што е на личната карта на гласачот. Во однос на гласањето на дијаспората, договорено е наместо три да има една изборна единица од која ќе се избираат тројца пратеници, а останува и цензусот, кој ќе изнесува околу 6.400 гласови, односно минималниот број на гласови со кој се станува пратеник во изборните единици во земјава.

Во Државната изборна комисија ќе се гласа со апсолутно мнозинство, а прочистувањето на избирачкиот список ќе биде со неограничена теренска проверка и вкрстување на податоците од различни бази. Нема конечен договор околу две важни прашања - финансирањето на политичките партии како и медиумското претставување на партиите за време на изборите.

XS
SM
MD
LG