Линкови за пристапност

Иванов - Вујановиќ: Македонија и Црна Гора со исти задачи


Двајцата државници ја потврдија заложбата за членство во НАТО и ЕУ.

Улиците на македонската престолнина денес беа претесни за дипломатските возила. Во ист ден, Скопје беше домаќин на црногорскиот претседател, албанскиот министер за надворешни работи, како и на министрите за внатрешни работи на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и замениците-министри и претставниците од министерствата за надворешни работи на Молдавија, Романија, Албанија, и Чешка, како и претставниците од Европската Комисија, Еуропол и Фронтекс.

„И најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Македонија веќе тргна на патот кон ЕУ, не стоиме во место и тоа е позитивно. Можеме да разменуваме искуства, затоа што ние ги имаме искуствата од Словенија и Хрватска“, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со црногорскиот колега Филип Вујановиќ. На средбата констатирале дека Макeдонија и Црна Гора немаат отворени прашања, дека имаат заедничко минато во некогашната држава, а денес имаат заедничка иднина, со оглед на стратешката цел - да станат членки на ЕУ и НАТО.

Според гостинот од Црна Гора, неговата држава очекува во јуни да добие можност за датум за преговори за членство во ЕУ, а од Самитот на НАТО во Чикаго се очекуваат позитивни сигнали и за двете земји. Вујановиќ најави дека при остварувањето на заедничките цели, Македонија и Црна Гора ќе си помагаат, што е од интерес за целиот регион.

Покрај политичките прашања, двата претседатела разговарале и за економската соработка, туристичката размена и за проблемите поради неадекватната инфраструктура, при што Вујановиќ ја истакнал потребата од отворање авионска линија меѓу Скопје и Подгорица.

На дневниот ред на Вујановиќ се и средби со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски. Утре, пак, Советот на Град Скопје ќе го прогласи за почесен жител на македонската престолнина поради заслугите во подобрувањето на македонско-црногорските односи.

Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и на Црна Гора, Гордана Јанкулоска и Иван Брајовиќ, потпишаа повеќе договори за заедничко работење на двете министерства. Според најавите, еден од нив - Договорот за полициска соработка, ќе овозможи поголема ефикасност при заедничките полициски операции и размената на информации за успешна борба против криминалот. Двата министра најавија дека се подготвуваат законите за патување во Македонија и во Црна Гора со лична карта и дека тоа ќе стане реалност најверојатно уште оваа туристичка сезона.

И целите на Албанија и на Македонија се заеднички - интегрирање во ЕУ и НАТО, подобрување на регионалната и соседската соработка меѓу сите земји во регионот, заклучија по денешните разговори министрите за надворешни работи, Едмонд Хаџинасто и Никола Попоски, кои по средбата потенцираа дека соработката меѓу двете соседни држави е одлична. За последните инциденти со етнички предзнак, министрите потенцираа дека станува збор за изолирани случаи од индивидуалци и апелираа да не се доведуваат во поинаков контекст, како и да се пронајдат и казнат сторителите.

За проблемот со непризнавањето на уставното име на Македонија од официјална Тирана, Хаџинасто изјави дека „Албанија ја признава Македонија под уставното име за билатерална комуникација, но во мултилатерални организации мора да ја почитуваме востановената политика на таа организација по ова прашање“. Албанскиот министер потенцираше дека неговата земја сака Македонија да продолжи со евроинтегративниот процес.

Покрај државниците од Црна Гора и Албанија, денес во Скопје продолжи и деветтата Годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа, на која се очекува потпишување на декларација за истото. Првите луѓе на министерствата за внатрешни работи на балканските земји се договориле за поголема соработка на пограничните органи и за преземање заеднички активности во борбата против криминалот.

XS
SM
MD
LG