Линкови за пристапност

Исак го бие Њу Орлеанс


Точно на седумгодишнината од ураганот Катрина, поплава во областа Плакаминс, каде водата се прелеала преку насипот.

Метеоролозите објавија дека ураганот Исак преминал во категорија подоле и станал тропско невреме, но предупредуваат дека се` уште претставува голема закана по животите и сопственоста на жителите долж американскиот брег на Мексиканскиот Залив. Исак таму истури обилни врнежи од дожд, проследени со ветришта што на некои места прераснаа во торнада.

Според Американскиот национален центар за урагани, центарот на невремето ќе остане над сојузната држава Луизијана се` до четврток, а дури во петок ќе се придвижи кон соседен Арканзас.

Ветриштата на Исак сега се со брзина од 110 километри на час. Крајбрежните области се во опасност од поплави. Над половина милион луѓе се без електрична енергија.

Властите во областа Плакаминс во Њу Орлеанс јавуваат за „значителна поплава“ откако водата се прелеала над тамошниот насип. Но, федералната влада тврди дека бариерите во градот, што беа зајакнати по Катрина, засега го издржале ударот на Исак. Во градот преку ноќ на сила е полициски час. Спасувачките екипи во текот на денот помагаа на луѓе кои поплавата ги натера да најдат засолниште на покривите на своите домови и во автомобилите. Допрва ќе се врши проценка на штетата.

Врнежите од дожд на одредени места може да достигнат и до 50 сантиметри, а напливот во делови на Луизијана и Мисисипи да биде висок и до четири метри.

„Ова е мошне опасно невреме. Нивото на водата расте брзо и постои реална опасност од губиток на животи“, предупреди денес гувернерот на Мисисипи Фил Брајант.

Исак го истури бесот врз Њу Орлеанс точно на седумгодишнината од ураганот Катрина кој однесе 1.800 човечки животи и предизвика огромна материјална штета.

Американскиот претседател Барак Обама прогласи вонредна состојба за Луизијана и Мисисипи, со што ги отвори вратите за помош од федералната влада за обете сојузни држави.

Исак претходно беснееше во Куба, на Хаитите, каде однесе најмалку 19 жртви, и во Доминиканската Република, каде загинаа две лица.
XS
SM
MD
LG