Линкови за пристапност

Владиното мешање и политичкото влијание најголема причина за загриженост


Кетрин Макалек од Фридом хаус за состојбата во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Кетрин Макалек од Фридом хаус за состојбата во Македонија

Интервју со Кетрин Макалек од Фридом хаус, истражувачка аналитичарка која работела на неодамна објавениот извештај Нации во транзиција.

Во извештајот на Фридом хаус, Македонија доби полоша генерална оценка за демократија од лани поради влошувањето во категоријата - правосудна рамка и независност на судството.

„Влошувањето во оваа категорија се должи на судскиот процес за петкратното убиството на Смилковското Езеро во 2012-та. Имаше неколку неправилности во случајот, како протекување на изјава на сведок и експлоатација на етничката димензија на случајот“, наведува Макалек во интервјуто преку Скајп за Гласот на Америка на македонски.

​Македонија најлошо котира во категоријата независни медиуми. Најголема причина за загриженост е владиното влијание врз медиумите и политичкото влијание од сите страни воопшто, смета Макалек.

„Пресудата за Велија Рамковски беше голем удар за независните медиуми; исчезнувањето на медиумите кои беа критични кон власта; одземањето на концесијата на А2. Ова беа големи удари врз независното новинарство“, вели аналитичарката на Фридом хаус.

На прашање за продолжувањето на притворот за новинарот Томислав Кежаровски, Макалек коментира: „Ова, генерално, е проблем во Македонија - новинарите да примаат закани за незаконски притвор за случаи врз основа на сомнителни или лажни обвиненија. Во неговиот случај, мора да биде ослободен и да се почитуваат неговите новинарски права“.

Таа категорично ги отфрла наводите во дел од македонските медиуми дека Фридом хаус ги заснова оценките на пристрасни ставови на едни - исти медиумски работници во земјата.

„Фридом хаус на ниту еден начин нема односи со новинари во Македонија во смисла на тоа да влијае на нивното известување. Новинарите и одделни политички партии во Македонија на ниту еден начин не влијаат врз нашето известување. Ние сме непристрасна организација и немаме друг интерес освен да известуваме за вистината во Македонија“, коментира Макалек.

Уште повеќе, на пошироките медиумски шпекулации дека Фридом хаус и другите оранизации со сличен фокус се продолжена рака на странските интереси во Македонија, Макалек реагира: „Ова е тема во многу апсолутистички држави. Се користи во Русија, Азербејџан, Узбекистан. Жално е ако Македонија тргне по истиот пат и за критиката на владата го обвинува странското влијание или новинари платени од странци да измислуваат приказни, затоа што има многу вистински приказни што индицираат лошо расудување и прекршување на законот од страна на членови на политичките партии, така што нема потреба овие приказни да се измислуваат“.
XS
SM
MD
LG