Линкови за пристапност

Кристин Лагард – прва жена на чело на ММФ


Кристин Лагард – прва жена на чело на ММФ
Кристин Лагард – прва жена на чело на ММФ

Француската министерка за финансии на функцијата донесува искуство, наведуваат стручњаците

Француската министерка за финансии Кристин Лагард е нова директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Таа го замени Доминик Строс-Кан, кој поднесе оставка откако беше обвинет за сексуален напад врз собарка во Њујорк.

И покрај замерките на некои земји во развој, Кристин Лагард дојде на чело на Фондот. Противкандидатот, директорот на Мексиканската централна банка Агустин Карстен тврдеше дека институцијата од 178 држави-членки треба да ги одрази промените во глобалната економија. 55-годишната адвокатка по професија на тоа возврати со турнеја од Бразил до Кина, на која се запознаваше со пазарите во подем. Како резултат, САД Русија и Кина -кои покрај Европа имаат најмногу гласови во Извршниот одбор на Фондот - ја поддржаа нејзината кандидатура.

Назначувањето на Лагард најверојатно ќе предизвика протести од дел од членките, но монетарниот експерт Доминико Ломбарди смета дека нејзиното искуство ја прави вистинскиот кандидат кој може да се справи со дестабилизирачките ефекти на европската криза со презадолженоста.

„Со тоа што доаѓа од една од клучните европски земји, Лагард може да изврши притисок врз европските колеги, министри за финансии за поагресивен одговор на кризата“, коментира аналитичарот од Институтот Брукингс.

Лагард најави дека ќе биде енергичен застапник на земјите во развој, особено од Азија и Африка. Економистот Густаво Багатини смета дека нејзиното искуство е клучно.

„Нема сомневање дека ќе биде добра директорка. Има искуство, работеше на сегашната криза“, вели овој стручњак од Кралска банка на Канада.

Лагард беше вклучена во преговорите минатата година за заедничка помош од ММФ и Европската унија за Грција, Ирска и Португалија. Таа ќе биде првата жена-директор во 70-годишната историја на Фондот.

XS
SM
MD
LG