Линкови за пристапност

Оливер Гирон го видел во Мачу Пичу тоа што требало да се поправи дома – чистење на илегални депонии.

Една посета на древниот град на Инките, во Перу, во 2010, на Оливер Гирон му била доволна да види што треба да стори дома. Почнал да открива, да фотографира и да чисти илегални депонии околу неговата населба, близу Вашингтон.

Секое тивко, малку настрана место може да стане депонија, вели тој.

Организирал екипа доброволци да исчистат дива депонија во Ферфакс, Вирџинија.

Доброволците зборот го шират преку Фејсбук. Морин Џоин, стажантка во локална група за заштита на животната средина, така регрутирала други за каузата:

„Инспиративно е да бидеш инволвиран во вакво нешто каде многу може да се стори“, смета Џоин.

Активистот Филип Латаса е среќен што може да помогне, но и лут што вакво нешто се случува:

„Се работи за неодговорност, за неразмислување и себичност. Таквите сакаат да го префрлат нивниот проблем врз друг“, вели Латаса.

Латаса се надева дека акцијата ќе ја подигне свеста за проблемот.

Многу луѓе на отпадот денеска гледаат поинаку, благодарение на глобалното движење што започна во Естонија во 2008-та годиан. Таму, 50.000 доброволци ја исчистија целата држава за пет часа.

„Оттогаш се прошири низ 85 држави и во моментов имаат кампања наречена „Чистење на светот 2012“. Во САД, има тим во Сан Франциско со кој сме во контакт, тим што започна во Њујорк и јас започнав еден во Вирџинија“, вели Латаса.

Дан Диез, кој формирал тим за чистење на Филипините, го сретнал Гирон преку Фејсбук и дошол во Вирџинија да помогне.

„Кога патувам не сакам да сум само турист. Сакам да бидам инволвиран во заедницата, да ја научам културата и да направам пријатели“, смета Диез.

А колку повеќе пријатели ќе ја пренесат пораката, толку помалку ѓубре на погрешно место.

XS
SM
MD
LG