Линкови за пристапност

Битно не колку, туку што се јаде


Битно не колку, туку што се јаде

Битно не колку, туку што се јаде

Кои се најголемите виновници во храната за вишокот на килограми?

Општо е познато дека ако јадете умерено, независно за каква храна се работи, ќе одржите витка става. Ваквото уверување е ставено на испит во новото истражување што го следело начинот на исхраната и животните навики на над 120.000 Американци во изминатите 20 години. Според него, возрасните накачуваат во просек по половина килограм годишно, а видот на храна е важен фактор.

„20 години во превод значи 10 килограми, што навистина е огромен проблем за јавното здравство“, вели д-р Дариуш Мозафаријан, кој раководел со истражувањето на Катедрата за јавно здравство на Универзитетот Харвард. Утврдил дека најголема врска со дебелеењето има храната што содржи скроб - компирот, на пример - и тоа без оглед дали е пржен или варен. Доколку се конзумира секојдневно, на секои четири години може да ја зголеми тежината за преку половина килограм.

За да се контролира телесната тежина на долгорочен план, научниците велат дека е поважно да се внимава што се јаде, отколку да се јаде во умерени количини.

„Храната што тесно се поврзува со зголемувањето на телесната тежина е месото, рафинираните зрнести производи, како и слатките“, дефинира Мозафаријан.

Засладените пијалоци, па дури и стопроцентните овошни сокови исто така имат удел во зголемувањето на тежината.

„Со пациентите редовно разговарам за намалување на калориите од пијалоците. Тоа е една од најлесните работи што можат да ги сторат“, потенцира Лора Џеферс, нутриционистка од Клиниката Кливленд.

Студијата нуди и контроверзна нишка - утврдува дека неколку висококалорични производи водат до помало зголемување на телесната тежина, иако е зголемено нивното конзумирање. Конкретно, за оревите, житните култури, јогуртот, овошјето и зеленчукот се покажало дека носат помалку килограми со текот на времето.

Истражувањето заклучува и дека физичката активност, вежбањето и доволно часови спиење се важни во контролата на телесната тежина.

XS
SM
MD
LG