Линкови за пристапност

Штефан Филе задоволен од текот на предпристапниот дијалог

  • Борјан Јовановски

Конечната оценка за успехот на дијалогот што ќе се рефлектира во новиот текст на извештајот на Европската комисија во септември.

Европската комисија и Владата на Република Македонија денеска ја одржаа втората рунда разговори во рамки на предпристапниот дијалог на високо ниво. Делегациите на двете страни ги предводеа премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување Штефан Филе.

„Првата рунда беше одржана на 15-ти март, а од тогаш наваму постигнат е напредок во рамки на дијалогот“, изјави комесарот Филе. Реформите што притоа ќе бидат постигнати, ќе се одразат во извештајот на ЕК што ќе биде објавен во октомври годинава.

„Тогаш заклучоците од тој состанок директно ќе се одразат врз октомврискиот извештај за напредокот, подготвен од страна на земјите-членки, што, пак, ќе овоможи за членките во декември да донесат нивна одлука во врска со пристапувањето.“,изјави Штефан Филе. Тој изрази задоволство од динамиката со која се одвиваат активностите предвидени со дијалогот.

Задоволен сум што гледам нова динамика со поставувањето на европската агенда во центарот на јавната дебата. И покрај тоа што постојат многу предизвикувачки прашања, таа е во центарот на дебатата, изјави еврокомеарот Штефан Филе.

Тој оцени дека заклучоците договорени на првиот состанок во март се исполнети во сите шест точки.

„Задоволен сум од патоказот усвоен од Владата во април, а сега е важно да се работи на неговата имплементација и да се гледа на патоказот како на жив документ“, рече Филе.

Тој подвлече дека отворањето на пристапните преговори е заедничка цел на Македонија и на ЕК, но во меѓувреме треба да се одржува моментумот на реформите.

Премиерот Груевски од своја страна нагласи дека во дијалогот гледа шанса да ја реафирмира цврстата определба на Владата на Македонија за членство во ЕУ и оти примарна цел е час поскоро оваа година отворање на преговорите при што пристапниот дијалог треба да биде поттик во таа насока.

„Го уверив комесарот Филе дека Владата има силна политичка волја да испорача конкретни резултати не само во петте области опфатени со патоказот туку низ целиот спектар подрачја опфатени со критериумите од Копенхаген. Не се сомневаме дека нашите постигнувања ќе бидат соодветно валоризирани во извештајот за напредокот на Македонија во 2012 година и веруваме дека ќе бидат основа за повторување на препораката на Комисијата за почеток на преговорите со Македонија“, рече премиерот Груевски.

На денешниот состанок донесени се заклучоци во однос на петте клучни области опфатени со пристапниот дијалог на високо ниво и динамиката на нивното реализирање. Обласите кои се дефинирани со дијалогот се: Владеење на правото, слобода на изразувањето, реформите во администрацијата, изборното законодавство и бизнис климата.

Следната рунда разговри на високо политичко ниво ќе се одржат во септерври, а во меѓувреме ќе се реализираат повеќе средби на техничко ниво што треба да и` помогнат на Владата во остварувањето на зацртаните цели.

XS
SM
MD
LG