Линкови за пристапност

Безбедноста во Европа откако САД се пренасочија на Азија


Безбедноста во Европа откако САД се пренасочија на Азија
Безбедноста во Европа откако САД се пренасочија на Азија

Вашингтон уверува дека и натаму ќе остане посветен на безбедноста на континентот.

Кога претседателот Барак Обама во јануари ја претстави новата одбранбена стратегија, го пренасочи вниманието на Азија, велејќи дека САД мора да развијат сили соодветни на потенцијалните закани по безбедноста во овој дел од светот. Оттука и прашањата како ова ќе се одрази на безбедноста во Европа, каде САД се главен партнер во одбраната.

Новата одбранбена стратегија на претседателот Обама предвидува повлекување на две од четирите борбени бригади стационирани во Европа. Во услови на скратен буџет за одбраната, таа го пренасочува вниманието на поморските и воздушни армиски способности во Азија и Тихиот Океан, како и на специјалните сили за антитерористички операции.

САД ги уверуваат европските сојузници дека и натаму ќе бидат посветени на безбедноста на континентот. Американските лица признаваат дека има потенцијални закани за Европа, како иранската ракетна и нуклеарна програма, но не од таков вид што би биле потребни копнени сили.

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен официјално не е загрижен за повлекувањето на двете американски армиски бригади. Па сепак, за Гласот на Америка изјави дека европските земји треба да го земат предвид пренасочувањето на американската одбранбена политика кон исток.

„Тоа е јасен сигнал за европските сојузници дека мора да преземат соодветен дел од одговорност за заедничката безбедност. Поради економската ситуација, треба поефикасно да ги користиме средствата, преку повеќенационална соработка, а не чисто национални решенија“, вели Расмусен.

Аналитичарот Џајлс Мерит од советодавната Агенда за безбедност и одбрана со седиште во Брисел смета дека европските земји мора да обезбедат дека и наму ќе имаат влијание врз Вашингтон, за идни операции како оние во Авганистан и Ирак.

„Европејците имаат интерес да бидат што е можно поблиску до Американците, барем да го имаат своето влијание. Мора да направиме САД да донесуваат одлуки што е можно помултилатерално “, размислува Мерит.

XS
SM
MD
LG