Линкови за пристапност

Еврокомесарот Хан повторно во Скопје


mkd
mkd

Посетата е закажана за 14 октомври, а според најавите ќе се сретне со лидерите на четирите политички партии -потписнички на договорот во Пржино, СЈО и претставници на граѓанскиот сектор

Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, идниот петок ќе ја посети Република Македонија, два дена по предвиденото распуштање на македонскиот парламент со цел организирање на изборите на 11 декември. Во рамките на посетата тој ќе се сретне со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, како и со шефот на СЈО, Катица Јанева и претставниците на невладинито сектор.

Портпаролот на Европската Комисија, Маја Коцијанчич, ја потврди оваа информација и додаде дека особено ќе се обрне внимание на организацијата на изборите во декември:

„Ние можеме да потврдиме дека комесарот Хан ќе отпатува во Скопје следниот петок на 14 октомври. При оваа посета, тој ќе се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалниот обвинител и со претставници на граѓанското општество. Обемот на мисијата ќе биде дискусии за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на Итните реформски приоритети“, изјави Коцијанчич.

Случајно или не, посетата на Хан, кој беше главниот посредник при изготвувањето на Пржинскиот договор доаѓа по одлуката на владејачкото мнозинство во Парламентот да не ги поддржи барањата на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за измени на Законот за СЈО, односно продолжување на рокот за истраги, како и за измена на Законот за заштита на сведоци, кои според неа, се неопходни за нормално и ефикасно функционирање на Обвинителството. На оваа одлука, реагираа ЕУ и САД кои соопштија дека треба да се почитуваат обврските од Договорот од Пржино, и ги поддржат барањата на СЈО како „разумни".

Се претпоставува дека еврокомесарот Хан сака лично да се увери дека Пржинскиот договорот ќе се почитува во државата и дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 11 декември, со што ќе се стави крај на длабоката политичка криза во Македонија.

XS
SM
MD
LG