Македонија се наоѓа во состојба на кулминација на вештачки акумулирана криза, предупредува Едвард Џозеф, долгогодишен аналитичар за предизвиците на Балканот.
„Иако проблемите во Македонија се одамна наталожени, актуелната криза е целосно вештачка наметната и непотребна. Таа е поврзана со одбивањето на ВМРО-ДМПНЕ да го прифати уставното право на опозицијата да формира влада. Уставната, политичката и кризата по улиците во Македонија е генерирана од ВМРО-ДПМНЕ“, коментира Џозеф.
Импликациите од ваквиот развој на ситуацијата во Македонија можат да бидат погубни - предупредува Џозеф.
„Целосно неодговорни се повиците од поранешниот премиер Никола Груевски, луѓе да излезат на улица и ја бранат државата, која, според него, е загрозена. Протестите се демократско право на сите граѓани, но туку не станува збор за некаков напад по државноста, туку обид да се спречи демократска транзиција на друга коалиција да ја преземе власта“, вели овој експерт од Вашингтон.
За контроверзната платформа од албанските партии која се наметна како предизвик во кризата, Џозеф вели:
„Перцепцијата дека е тоа е некаква голема закана - е бесмислена. Секоја влада од независноста во Македонија, вклучувајќи ги и на ВМРО-ДПМНЕ, имале албански партии. Лидерот на ДУИ, кој долго години е во власта, од ВМРО-ДМНЕ едновремено беше нарекуван терорист. Дволично е ако се инсистира дека е во ред да се прави влада со ДУИ, но не е во ред, опозицијата да може да коалицира со било која албанска партија.“, вели Џозеф.
Во парламентарната демократија, нови избори се спроведуваат само ако се исцрпени сите можности да се формира влада. Тоа не е случај во Македонија, додава тој.
„Во овој случај е јасно дека може да се формира влада. Едноставно, претседателот Иванов одбива да го даде мандатот. За причини, кои се целосно политички. Затоа како што реков, се работи за вештачки наметната криза“, смета Џозеф.
Според овој аналитичар, нема основа за спроведување брзи, нови, избори во Македонија.