Линкови за пристапност

Дејмон Вилсон: Тест за Македонија да одржи фер и слободни избори


Извршниот потпретседател во Атлантскиот Совет коментира дека тоа е главен предуслов за владејачката партија, но и за опозицијата да покажат демократска зрелост

Дејмон Вилсон коментира дека се работи за важна пресвртница за излез од политичката криза во Македонија, враќање на нормалниот политички живот, како и продолжување на патот кон евроатланска интеграција.

„Ова ќе биде тест за Македонија да одржи фер и слободни избори. Ќе биде главен предуслов и за владејачката партија, но и за опозицијата – да се натпреваруваат жестоко, но фер, и да докажат дека следната влада ќе ја има довербата меѓу народот“, вели извршниот потпретседател на Атлантскиот совет.

Тоа, според него, ќе влијае на јакнење на имиџот на Македонија во регионот, но и на меѓународната сцена.

Вилсон со порака - и до власта и до опозицијата:

„Засилете ја жестоката политичка битка, борете се за секој глас на изборите, но тие мора да се спроведат согласно меѓународните стандарди – фер, слободни и веродостојни, затоа што тоа е билетот на Македонија за иднината“, вели Вилсон.

Договорот од Пржино, според Вилсон е најдобра можност за излез од политичката криза во која се наоѓа земјата со месеци:

„Ние сме нетрпеливи да ја видиме Македонија да се движи напред кон евроатлантската агенда за интеграција. Делумно, затоа и потпретседателот Бајден беше домаќин на премиерот Груевски во Вашингтон пред неколку дена“, оцени овој аналитичар.

Тој навести дека потенцијално постои можност за придвижување на разговорите кон решение за името, има различни тонови за некои прашања од Атина, но за да има некаков напредок потребна е политичка стабилност во Македонија, одржување на избори, формирање влада, па дури потоа, според него, ќе се создаде можност за зголемувањето на притисокот за забрзување на Македонија кон членство во НАТО и во ЕУ, додека се` уште на власт во САД е администрацијата на претседателот Обама.

Запрашан како ја коментира оставката на премиерот Груевски, Вилсон рече дека тоа е тест за демократијата во земјата и оти засега, според него, Македонија успешно се справува со последните политички настани.

Аналитичарот од Вашингтон додава дека политичарите во Македонија во овие моменти имаат шанса да испратат сигнал и до граѓани и до меѓународната заедница дека земјата има силни институции и здрава демократија, дека се способни да организираат фер и веродостојни избори, да формираат влада која ќе продолжи со спроведување на економската агенда на домашен, и но и на интеграционите реформи на надворешен план.

XS
SM
MD
LG