Линкови за пристапност

Обама во ненајавена посета на кубанско-американска црква во Мајами


Во време кога САД се се` поблиску кон повторно воспоставување на врските со Куба

Претседателот Барак Обама ненајавено посети кубанско-американска црква во време кога САД се се` поблиску кон повторно воспоставување на врските со Куба.

Црквата Пресвета Богородица во Мајами, сојузната држава Флорида е местото каде што бообичаено се собираат кубанските изгнаници коишто живеат во САД.

Белата куќа соопшти дека претседателот се решил на посетата за да оддаде почит на жртвувањето на кубанските Американци во тежнеењето за слобода и можности, но и за нивниот извонреден придонес за државата.

Политички моќната кубанска дијаспора во Мајами главно е против намерата на владата на претседателот Обама да го укине долгогодишното економско ембарго за кубанската влада.

Четворица демократски сенатори коишто ја посетија Хавана оваа недела велат дека има растечка поддршка во Конгресот за укинување на ембаргото, како и за укинување на забраната за патување на американски државјани и промовирање на економски врски со Куба.

Обама во декември минатата година направи историски потег кога најави дека тој и неговата влада ќе бараат повторно воспоставување на дипломатските односи со Куба, прекинати во 1961-ва.

Дипломати од САД и Куба во меѓувреме одржуваат серија средби за договарање на деталите за отворање на амбасади во Вашингтон и Хавана.

Флорида е на само 145 километри од Куба, а најголемиот град во сојузната држава, Мајами, е првичната дестинација за Кубанците коишто последниве 50-тина години се обидуваат да пребегаат во САД.

XS
SM
MD
LG