Линкови за пристапност

Универзален договор за климатските промени


Претставници од целиот свет активно се подготвуваaт за двонеделната Конференцијата на ОН во Франција

Француските еколози протестираа против изградбата на нов аеродром во западна Франција, на местото каде што владата организираше состанок пред климатската конференцијата. Некои демонстранти велат дека Франција треба да го следи примерот на американскиот претседател Барак Обама, кој ја отфрли можноста за изградба на гасоводот Кистоун минатата недела, наведувајќи ја како причина загриженоста за животната средина.

Француските лидери беа домаќини на тридневен состанок со претставници од околу 60 земји за наоѓање компромиси во насока на постигнување договор за климата. Едно од најтешките прашања е финансирањето на земјите во развој за да развијат одржливи извори на енергија.

„Африка е богата со обновливи извори на енергија и потенцијал. Треба да го искористиме овој потенцијал што е можно побрзо. Во следните 10 години, во Африка ќе се електрифицираат сите рурални средини и со тоаќе се создадат пристојни работни места за Африканците а тоа ќе помогне и за намалување на миграцијата во Европа и пошироко“, наведува етипскиот премиер Хаилемариам Десали.

Американскиот државен секретар Џон Кери, пак, се осврна на врската помеѓу глобалните климатски промени и безбедноста.

„На пример, во Нигерија, климатските промени не доведоа до појавата на терористичката група Боко Харам , но тешката суша во земјата и неспособноста на владата да се справи со тоа помогна во создавањето на политичка и економска ситуација што ја искористија милитантите да освојат села, да убиваат учители и киднапирање на стотици невини ученички“, изјави Кери.

Британскиот секретар за надворешни работи , Филип Хамонд, во говор во Вашингтон, рече дека усвојувањето на мерки за намалување на испуштањето на јаглероден диоксид нема да ја уништи економијата.

„Трошоците за неправење ништо се потенцијално катастрофални и не можат да се квантифицираат во економски термини“, заклучи Хамонд.

Противниците на планот на претседателот Обама за намалување на испуштањето на јаглерод диоксид велат дека мерките ќе затворат работни места во индустријата за јаглен и ќе доведат до зголемување на трошоците за енергија.

XS
SM
MD
LG