Линкови за пристапност

Хил: Не кој е во право, туку како да се реши спорот

  • Ведран Андоновски

Хил: Не кој е во право, туку како да се реши спорот

Хил: Не кој е во право, туку како да се реши спорот

Македонија да продолжи со преговорите за името, порачува поранешниот амбасадор во интервјуто за Гласот на Америка на маргините на Конференцијата на ОМД.

Поранешниот амбасадор во Македонија Кристофер Хил сугерира земјата да изнајде модус вивенди за последната пречка пред неа на меѓународен план – спорот со името.

„Ова не е прашање за тоа кој е во право, а кој не е, туку за тоа да се направи обид да биде решено“, потенцираше Хил во интервјуто за Гласот на Америка на македонски, направено за време на Глобалната конференција на Обединетата македонска дијаспора, на која доби награда за пријателство.

Искусниот дипломат е оптимист - смета дека прашањето може да се реши.

„Само што завршија изборите, наскоро ќе биде составена влада и сега можеби е добар момент да се направи обид да се допре до сите политички партии во Македонија, да се изнајде некој предлог и ова да се реши. Јас мислам дека може да се реши“, вели Хил.

Запрашан да го резимира својот совет до македонската влада, амбасадорот вели: „Продолжете да разговарате. Преговарајте. Најдете решение“.

Хил оценува дека земјата многу напреднала од времето кога тој за првпат дошол во неа пред 15 години: „Мошне важно за Македонија економијата да биде отворена. Мислам дека така и се прави. Има знаци на странско инвестирање, што е мошне добро. Мошне сум импресиониран од дел од фискалниот развој – се чини дека сите во Македонија разбираат дека треба да плаќаат данок, и тоа е добро“.

Хил, кој по долги години дипломатски и преговарачки мисии од Балканот, па се` до Азија, сега е декан на Училиштето за меѓународни студии Корбел на Универзитетот на Денвер, неодамна ја посетил Македонија. Носи вакви импресии:

„Па, го видов споменикот, се` уште беше во парчиња, но составен ќе биде прилично голем. Шетајќи низ Скопје, ми беше големо задоволство да ја видам новата зграда на Уставниот суд, новиот театар, по урнекот на стариот, уништен во земјотресот 1963-тата. Верувам дека Скопје навистина го зазема своето место меѓу европските престолнини“.

XS
SM
MD
LG