Линкови за пристапност

Чен ја напушти американската амбасада во Пекинг, сака да замине од Кина


Кинеската влада бара извинување за случајот.

Американски официјални лица велат дека слепиот кинески дисидент Чен Гуангченг, кој избега од куќен притвор и пребега во американската амбасада во Пекинг, ја напуштил зградата за да побара лекарска нега и да биде со семејството.

Според истиот извор, кинеската влада се согласила да го префрли Чен Гуангченг на „безбедна“ локација во Кина, како и дека тој не побарал политички азил во САД.

Чен за Асошиетед прес изјави дека тој и семејството сакаат да ја напуштат Кина бидејќи стравуваат за своите животи.

Во Вашингтон, портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд изјави дека американските претставници во ниту еден момент не разговарале со Чен за некакви закани упатени кон сопругата или децата. Таа сепак додаде дека кинески претставници им кажале на надлежните американски органи дека неговото семејство ќе биде вратено во Шандонг доколку останел во амбасадата.

Државната секретарка Хилари Клинтон изјави дека е задоволна што американските претставници биле во можност да му овозможат престој на Чен, а потоа и негово заминување од амбсадата на САД „на начин на кој се рефлектира неговиот избор и нашите вредности“. Чен имал и телефонски разговор со Клинтон, при што и` се заблагодарил за поддршката.

Клинтон се наоѓа во Пекинг на дводневни разговори на високо ниво посветени на безбедноста и економските врски меѓу двете земји.

Кинеската официјална новинска агенција Ксинхуа јави дека Чен останал во амбасадата шест дена, пред да замине „по сопствена волја“.

Кинеското Министерство за надворешни работи бара од САД да се извинат за преземањето на Чен, нарекувајќи го неприфатливо мешање во кинеските внатрешни работи. Од Министерството велат и дека Вашингтон треба да даде гаранции дека нема да обезбеди прибежиште на ниту еден друг дисидент.

Случајот ги засени претходно закажаните годишни разговори меѓу САД и Кина, чии претставници одбиваа да коментираат по прашањето се` до денес.

Во уреднички коментар на Глобал тајмс, кој е поврзан со Комунистичката партија на Кина, се наведува дека инцидентот нема да влијае на американско-кинеските односи.

Одредени организации и активисти за заштита на човековите права и натаму се скептични дека ситуацијата е целосно разрешена.

XS
SM
MD
LG