Линкови за пристапност

Трамп: Последици за сите што палат американско знаме


Новоизбраниот претседател се закани со одземање државјанство и казна затвор за ваков престап

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп повика за драконски казни за демонстрантите кои палат американски знамиња, и покрај тоа што Врховниот суд таквиот чекор го окарактеризира како заштитена форма од слободата на говор.

„Никому не смее да му се дозволи да пали американско знаме – ако некој го стори тоа, мора да има последици – веројатно ќе го загуби државјанството или ќе помине една година во затвор“, се огласи Трамп преку Твитер.

Нејасно е што го предизвика новоизбраниот претседател да се јави преку социјалните медиуми. Но, тоа се случува само неколку денови откако универзитет во сојузната држава Масачусетс одлучи да престане да вее американско знаме откако студентите наводно запалиле знаме во знак на протест против неочекуваната победа на републиканецот Трамп на претседателските избори пред три недели.

Во неделата, ветераните од американските вооружени сили протестираа против одлуката да не се вее американско знаме пред Универзитетот Хемпшир.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест изјави дека како и мнозинстото Американци, палењето на американско знаме го смета како многу навредливо, но додаде дека „имаме одговорност да ги заштитиме правата, втемелени во американскиот Устав.“

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG