Линкови за пристапност

Медал за македoнските кошаркари

  • Синиша Станковиќ

Медал за македoнските кошаркари

Медал за македoнските кошаркари

Покрај медалот од претседателот на државата, минатата недела и Владата на Република Македонија на иницијатива на премиерот Никола Груевски, донела одлука за награда на членовите на кошаркарската репрезентација на Република Македонија со по 3.000 евра за досегашните постигнати успеси на Европското првенство.

Претседателот Ѓорѓе Иванов вчера со свој указ ги одликува членовите на кошаркарската репрезентација со Медал за заслуги за Македонија за „постигнатите врвни резултати во кошарката на меѓународен план, со што дадоа исклучителен придонес за развој и за популаризација на овој спорт во земјата и за афирмација на Република Македонија во странство“.

Така, според соопштението на кабинетот на претседателот, кошаркарите од националниот тим, кои со своите победи, но пред се`со својата борбеност, залагање и односот кон играта во националниот дрес, преку ноќ станаа миленици на нацијата и на медиумите (кои веќе ги нарекуваат „хероите од Литванија“ каде се одвива Европскиот шампионат), го добија високото признание уште пред да се знае конечната разврска од натпреварувањето.

Но според реакциите во македонските медуми, одликувањето е сосема заслужено затоа што, како што се вели во еден текст, „новите македонски херои ги заслужуваат сите награди и сите пофалби од институциите и секако македонската јавност, која веројатно е и најважна во овие моменти“. Според домашните медиуми, македонскиот претседател во телефонски разговор со селекторот на кошаркарската репрезентација Марјан Докузовски го известил за неговата одлука за одликување на членовите на репрезентацијата, а според кабинетот на претседателот, селекторот му се заблагодарил на укажаната чест.

Покрај медалот од претседателот на државата, минатата недела и Владата на Република Македонија на иницијатива на премиерот Никола Груевски, донела одлука за награда на членовите на кошаркарската репрезентација на Република Македонија со по 3.000 евра за досегашните постигнати успеси на Европското првенство, а според владиниот Сектор за односи со јавноста, ако репрезентативците освојат пласман меѓу првите шест репрезентации на првенството, со што се дава можност за пласман на Олимпијадата во Лондон во 2012 година, ќе добијат дополнителна награда од по уште 5.000 евра.

Репрезентативците на Македонија, кои, според медиумските извештаи на спортските коментатори од Литванија ги освоиле сите симпатии како изненадување на шампионатот, и по секоја од низата од шест победи во соблекувалната, заедно со стручниот штаб, пееле навивачки песни, ги краси исклучително заедништво. Ни вчерашниот несреќен пораз од Русија од 63-61, со примен кош – „тројка“ во последната секунда, не ги разочара македонските кошаркари. Македонија во четвртфиналето на Европското првенство се среќава со домаќинот Литванија а за тој меч селекторот Докузовски изјави: „Свесни сме за нивните квалитети, знаеме дека се домаќини и дека се фаворити, но ние не сме тука за да се предадеме... Тука сме за да играме кошарка и за да победуваме. Ние ќе го дадеме максимумот против секој тим, исто како што тоа го правевме досега“.

Според анкетата на „Фејсбук“ страницата на FIBA Europe, Македонија е фаворит во утрешниот четвртфинален натпревар со домаќинот Литванија, зашто од 9 илјади гласачи дури 7 илјади сметаат дека Македонија има поголеми шанси да стигне до полуфиналето. Дури и еден од најпознатите кошаркати на Литванија Шарунас Јасикевичиус, ја пофали Македонија, потенцирајќи ја нејзината „фантастична одбрана“, „Затоа, нема да биде воопшто лесно на четвтфиналниот меч со Македонците, не очекува големо искушение... Ќе видиме, имаме и ние свои адути. Сигурно дека нашите стратези ќе ја снимат играта на Македонија, нивните добри и лоши страни, но на крајот сепак ќе одлучува играта на теренот“, изјавил Јасикевичиус.

Посбна приказна на шампионатот се фанатичните навивачи на Македонија, кои на почетокот на ЕШ беа околу 400, а кои, по неверојатниот успех на нивните миленици, иако останаа само неколку десетици, ќе се обидат да се спротивстават на 11.000 домашни навивачи на утрешниот меч.

XS
SM
MD
LG