Линкови за пристапност

Пекара во која се пече повеќе од леб


Пекара во која се пече повеќе од леб
Пекара во која се пече повеќе од леб

Пекара со целосна производствена линија во близина на Вашингтон има специјална програма за обука што им помага на луѓе со различни проблеми во процесот на учење да најдат работа во пекарската индустрија. Млади луѓе на ова место учат многу повеќе од правење колачиња и торти.

Кујната во пекарата „Сончоглед“ наликува на професионална кујна во акција.

Но она што ја издвојува од другите, е што нуди специјална програма за обука.

Двајца професионални пекари работат со млади лица од заедницата кои имаат развојни и други когнитивни проблеми.

Нивната цел е да ги обучат на основните вештини за работа во пекарската индустрија.

Сара Портман Милнер и Лори Векслер ја основале оваа непрофитна компанија во 2009-та година.

Заинтересираните се меѓу 18 и 27 години, кои завршуваат училиште и им треба работа.

Заради нивната состојба, вообичаено им треба подолго време да научат и да ја процесираат информацијата. Но пекарството има многу структура и повторување, што на овие лица им треба, вели Сара Милнер:

„Ова обезбедува општествено прифатлив начин да дојдат до работа и вештини што се вреднувани, потребни и платени.“

23-годишната Рејчел Истерлинг работи овде од април годинава.

„Тие се многу трпеливи, изгледа како обука еден на еден. На кое било друго место никој не би имал време за вас“, вели таа.

Веред Џохари е 21-годишна со умерен аутизам, познат како Аспергеров синдром, што се карактеризира со тешкотии во социјализирање и прилагодување на нова средина. Таа вели овде научила повеќе од правење колачи:

„На почетокот бев несигурна, збунета, нервозна, но сега е како да го гледам светот со други очи, знам што сакам да направам и како функционира средината. Сакам да бидам дел од тој свет и знам дека за мене треба само повеќе време.“

По завршувањето на обуката, некои од овие лица се вработуваат во пекарата и добиваат редовна плата.

Сара Милнер додава дека на многумина од нив животот им се менува пред нивни очи, на подобро. Таа истакна дека токму тоа ја мотивира да го шири бизнисот.

XS
SM
MD
LG