Линкови за пристапност

Природата одблизу


Природата одблизу

Природата одблизу

Изложба во Природонаучниот музеј во Вашингтон

Националниот природонаучен музеј на Смитсониан е дом на колекции со вкупно 124 милиони предмети, од коски на диносаурси до прочуениот дијамант Надеж, што многумина го сметаат за најпознат скапоцен камен во светот.

На вториот спрат на оваа иконична институција во центарот на главниот град на САД е поставена изложба фотографии што секоја година привлекува импресивен број на посетители.

Живописните прикази во голем формат се „уловени“ моменти од природата, направени од професионалци, но и аматери од сите делови на светот. Тие ја сочинуваат финалната селекција на изложбата „Најдобра фотографија на природата Виндлард Смит Рајс за 2010-та“.

Во конкуренција беа 20.000 фотографии од 56 држави. Триесет и девет беа избрани за поставката во Смитсониан. Тоа е колекција што отсликува диви животни, егзотични растенија, необични пејсажи...

Традиционалниот годишен конкурс го започнаа во 1996-та Стивен Фрилајх и неговата сопруга и коиздавач Дебора, обајцата долгогодишни љубители на природата. Тие го основаа конкурсот во магазинот „Најдобра фотографија на природата“ во 1996-та.

Магазинот секоја година ги објавува фотографиите на победниците. Од 1998-ма, тие се дел и од изложбата во Природонаучниот музеј во Вашингтон.

Фрилајх коментира дека создал натпревар „што ја слави убавината и различноста на природата преку уметноста на фотографијата“.

„Бараме нешто што ќе не` затекне, што ќе не` натера да запреме за момент и да се задлабочиме во фотографијата“, вели тој.

Една од неговите омилени фотографии е сокол кој лови пастрмка. Според него, фотографот Питер Карнс минал неброени часови и ја набљудувал птицата, чекајќи го вистинскиот момент кога ќе се втурне во водата. Трпението на крај му се исплатило.

„Целата приказна е за еден клик на апаратот“, вели Фрилајх.

Норман Бади од Сент Џозеф, Мисури, посетител на изложбата, бил во Африка неколку пати и е импресиониран од фотографијата на два гепарда кои гонат срна. Тоа го навраќа на, како што вели, „ранливоста во природата“.

Природата одблизу

Природата одблизу

Изложбата ги инспирирала 10-годишните близнаци Клер и Џек Винтерс од Остин, Тексас да ја засакаат природата.

„Мислам дека навистина е интересно како фотографиите имаат регистрирано се` во природата. Се` изгледа вистинито“, ги пренесува впечатоците Клер.

Натпреварувањето е именувано по починатиот Виндлард Смит Рајс, признат фотограф и конзерватор, кој ја освоил наградата во 1999-та.

Стивен Фрилајх вели дека целта на конкурсот е да го награди талентот на фотографи како Смит Рајс и да помогне нивната работа да послужи како мотивација и други луѓе да ја „искусат дивината“ и со помош на придобивките од модерната технологија „да излезат и да ја фотографираат“.

Тој се надева дека така се поголем број на ентузијасти за природата ќе станат „заштитници и чувари на планетата Земја“.

Натпреварот е отворен за фотографи од сите возрасти и нивоа. Наредниот конкурс ќе биде отворен на 1-ви јануари 2012-та.

XS
SM
MD
LG