Линкови за пристапност

Расмусен: Не постои покус пат до членство


Првиот човек на НАТО во Вашингтон говореше за предизвиците пред Алијансата од ситуацијата на Крим

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во институтот Брукингс во Вашингтон одржа брифинг на тема: „Иднината на Алијансата: Ревитализирањето на НАТО во светот што се менува“.

„Руската армиска агресија во Украина е грубо кршење на меѓународните обврски и кршење на украинскиот суверенитет и територијален интегритет“
Тој констатираше дека живееме во свет поинаков од пред оној од пред еден месец: „Руската армиска агресија во Украина е грубо кршење на меѓународните обврски и кршење на украинскиот суверенитет и територијален интегритет. Анексијата на Крим преку таканаречениот референдум, одржан под воена закана, е нелегална и нелегитимна.

Настаните во Украина ги оцени како отрезнувачки повик за НАТО, меѓународната заедница и, како што рече, сите земји што се залагаат за слободен свет; смета дека ова е најголемата закана по европската безбедност од крајот на Студената војна; најави дека и натаму ќе се зголемува меѓународната изолација на Русија.

Запрашан дали НАТО ќе ја задржи политиката на „отворени врати“ за проширувањето, истакна дека ќе се разгледуваат поеднично за секоја земја исполнувањата на неопходните критериуми за членство, и тоа во јуни, на средбата на шефовите на дипломатии на земјите-членки.

На прашање на Гласот на Америка на македонски дали состојбата со Крим може да го забрза проширувањето, со оглед на неодамнешното барање од 40 конгресмени во писмо до државниот секретар Џон Кери, за прием на Македонија и на Црна Гора уште на наредниот самит, Расмусен вели: „Не постои покус пат до членство. Кандидатите мора да исполнат одредени критериуми“.

Не постои покус пат до членство. Кандидатите мора да исполнат одредени критериуми.
За очекувањата на Македонија од Самитот во септември, Расмусен, дециден: „На Самитот на НАТО во Букурешт во 2008-ма веќе донесовме одлука дека сме подготвени да упатиме покана, штом ќе се постигне договор за взаемно прифатливо решение за името. Таа одлука се` уште стои. Штом се најде решение за името, ние сме подготвени веднаш да ги почнеме разговорите за членство. За жал, не сме виделе напредок од 2008-ма, за што искрено жалам“.

Иако не постои покус пат до членство и тековните настани не го менуваат тоа, Расмусен сепак кажа дека НАТО, генерално, ќе ги има на ум стратешките импликации од Крим и Украина.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG