Линкови за пристапност

СЈО откри криминал во "Скопје 2014“


Според неофицијални информации, меѓу осомничените во овој предмет е актуелен министер во Владата

Скопје - Специјалното јавно обвинителство (СЈО), утре, на прес-конференција, ќе соопшти детали за два нови предмети за финансиски криминал каде меѓу осомничените е и актуелен министер во Владата на РМ. Двата предмети се формираат по неколкумесечна истрага во која се сослушани десетици сведоци.
Според неофицијалните информации со кои располага Гласот на Америка, станува збор за капитален објект во проектот “Скопје 2014“ чија изградба чинеше неколкупати повеќе од првичната процена каде има огромен број сомнителни набавки и дополнителни договори и анекси, додека вториот предмет се однесува на т.н. "Сончев град“ на падините на Водно.

Од СЈО ниту ги потврдуваат ниту ги отфрлаат овие информации и додаваат дека сите детали ќе бидат соопштени на утрешната конференција.

Како што дознаваме, во рамките на истрагата за објектот од проектот “Скопје 2014“ меѓу сведоците бил и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски кој неколку пати беше повикан во канцелариите на СЈО. Тој самиот откри дека на обвинителите од тимот на Јанева ги доставил ревизорските извештаи за “Скопје 2014“ со кои располага Општината. Во тој период во СЈО беше повикана и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска која не откри дали била повикана како сведок или осомничен и за што конкретно што бил распитот.

Дел од т.н. “бомби“ на СДСМ се однесуваа на проектот “Скопје 2014“, а од разговорите можеше да се заклучи дека идеен творец е поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Во вториот случај, кој утре ќе го презентира тимот на Катица Јанева се однесува на проектот “Сончев град“ на Водно кој во моментот го гради инвеститор од Р. Турција. Сепак, истрагата и предметот се однесува на начинот на кој првиот сопственик, фирма од Израел, го добила земјиштето за градба. Оваа фирма, подоцна се повлече и воопшто не почна да гради.

XS
SM
MD
LG