Линкови за пристапност

Преку музика, до подобар живот за слепите


Дваесетина музичари со оштетен вид од Балканот се споија под мотото „Визија за светлината“, борејќи се за подобрување на животот на слепите

Асани Џавид од Дебар има целосно оштетување на видот, но, тоа за него не претставува пречка да се занимава со музика, на тој начин прехранувајќи го семејството.

Заедно со уште дваесетина други музичари со оштетен вид од Македонија, Косово, Албанија, Бугарија, Црна Гора и од Србија, настапува под мотото „Визија за светлината“.

Џавид, кој видот го загубил на шест години, е дипломиран музичар на Факултетот за музички уметности од Скопје.

„Сам јас бев со оштетен вид. Во неколку наврати професорите ми велеа дека иако не гледам, од мене очекуваат уште повеќе, бидејќи, ми велеа дека слепите лица знаат многу повеќе за уметност. Музиката е уметност која се гледа преку ушите, а не со видот“, вели Џавид.

Стојче Арсовски од Скопје го загубил видот после триесеттата година, по што почнал активно да се занимава со музика.

„Се` се учи на памет, тешко е но морам секоја песна или оро да ги научам на памет. Се` е работа на слух. Свирам на прослави, матурски вечери и свирам со клавијатура“, вели Стојче.

И Џавид и Стојче сметаат дека многу малку се води грижа за слепите лица во државата.

„ Иако сме со оштетен вид, ние можеме и повеќе од тие што гледаат“, вели Џавид, а Стојче додаде:

„Ние сме обесправени и на улици и на тротоари. Во институциите морам да одам со придружба, а сам да одиш по скали е неверојатно“.

Славчо Џајковски, секретар на Здружението на слепи лица во Охрид вели дека изминатите седум децении се борат за поголеми права на слепите.

„Оваа година Националниот сојуз на слепи слави 70 години од своето постоење. Имаме уште некои работи кои сакаме да ги реализираме и подобриме. Ние никогаш нема да бидеме задоволни и секогаш ќе бараме повеќе за да го подобриме животот и стандардот на слепите лица“, вели Џајкоски.

2.300 слепи лица во Македонија се членови на Здружението. Во Скопје постои Завод за школување на слепи деца и младинци, каде главни предмети се и музиката и инструментите.

Повеќе од 300 слепи лица во Македонија се занимаваат со музика, дел од нив и професионално.

XS
SM
MD
LG