Линкови за пристапност

Амбасадата на САД во Македонија се надева дека видеото ќе поттикне дискусија за тоа како да се подобри медиумската слобода во земјата.

„Време е за промени. За позитивни промени“. Оваа видео-порака од 39 секунди, посветена на Меѓународниот ден на слобода на печатот, предизвика многу рекации во македонската јавноста и беше единствената со која во Македонија беше одбележан 3-ти Mај. Реакциите, мноштвото позитивни, беа на социјалните мрежи, каде многумина го споделија видео-клипот во којшто истакнати македонски новинари и медиумски работници укажуваат на влошената состојба со медиумите во земјата, преку Индексот на слобода на медиумите на организацијата Репортери без граници, според кој Македонија е на 123-то место, во категоријата земји каде владее тешка ситуација, само една погоре од најлошата категорија - мошне сериозна ситуација.

Пораката дека е време за промени, и фактот дека на одјавата на видео-клипот стои Амбасадата на САД во Македонија, за дел од медиумите беше повод да објават написи со теза дека САД се скандализирани од состојбата во медиумите и дека бараат позитивни промени. Некои експерти пак, претпоставија дека со самото тоа што спотот не беше објавен во македонските медиуми, тој веројатно е наменет за надвор.

На барање на Гласот на Америка на македонски, од Амбасадата на САД во Скопје потврдија дека клипот е изработен од Канцеларијата за односи со јавноста на Амбасадата, дека е снимен со Ајфон и едитиран на лаптоп.

„Амбасадата на САД го направи видеото „123“ по повод одбележувањето на Светскиот ден на слободата на печатот на 3-ти мај. Тоа го истакнува фактот дека Македонија во моментов е рангирана на 123-то место меѓу 180 земји според Индексот на слобода на печатот на Репортери без граници, што е пад за 89 места од 2009-та наваму, кога беше на 34-то место. Тоа е порака за посветеноста на САД за промовирање на слободата на печатот во глобални рамки, и да и` се помогне на Македонија да го запре овој пад“, се вели во писмеиот одговор од Амбасада за причините да се направи видео-клипот. Исто така, Амбасадата истакнува дека видео-пораката е наменета за сите граѓани на Македонија, со надеж дека ќе поттикне дискусија за тоа како да се подобри медиумската слобода во земјата.

Учесниците во видеото велат дека спотот е направен за да се одбележи денот на малку поразличен начин, и дека целата врева што се кренала потоа е бесмислена.

Снежана Лупевска, авторка на „Код“, една од ретките новинарски емисии што се занимаваат со истражувачко новинарство, е меѓу личностите коишто во видеото порачуваат дека време е за позитивни промени.

„На покана на Амбасадата на САД учествував во спотот што беше наменет за Денот на слободата на печатот. Ми се допаднаа и идејата и содржината, затоа што пред се` истакнавме факти и не беа потребни дополнителни коментари. Спотот упати јасна порака дека треба да има позитивни промени и македонското новинарство да не биде на 123-то место според слободата на изразување. Искрено се надевам дека оваа порака ќе има влијание“, вели Лупевска.

Истовремено, видеото наиде и на критики. На социјалните мрежи се појавија ставови дека „позитивни промени во медиумите ќе има доколку во тоа не се меша Амбасадата на САД“.

Сепак, независно од коментарите, позитивни или негативни, факт е дека Македонија, според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници, е со најлош учинок од земјите на Западниот Балкан, и на 123-то место од вкупно 180 земји во светот.
XS
SM
MD
LG