Линкови за пристапност

Вевчани 2016: ИСИС, ЦИА, фабрика за лични карти, специјално обвинителство…

  • Сашо Митан

И годинава вевчанци, на традиционалниот карневал ги „поставија на тапет“ најактуелните случувања во Македонија, Европа и светот

Милитантната терористичка организација „Вевчански ИСИС“, ЦИА со прислушкувањето и странските разузнавачки служби, тајната фабрика за лични карти, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, професорката Тања Каракамишева, сцени од актуелните турски серии, неизбежната македонска политичка сцена, европарламентарците, метеоролози „опремени“ со реквизити за секое годишно време, како и промените поради глобалното затоплување и заладување, беа само дел од маските во Вевчани, каде од 10-ти до 14-ти јануари пристигнаа илјадници домашни и странски гости.

Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја е Вевчанскиот карневал.

„Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и секако со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година, со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна“, вели еден од најголемите познавачи на Вевчанскиот карневал и неговата суштина, публицистот и новинар Мишо Китановски.

„Дојдовме тука по препорака на наши пријатели, прекрасно е, луѓето се опуштени, пријателски расположени и весели. Секако ќе дојдеме повторно“, велат гости од Србија, кои за прв пат ја посетија „државата“ Вевчани.

Музичката програма годинава траеше два дена, и тоа на 12-ти и 13-ти јануари. Настапија Слаткаристика, С.А.Р.С., Брас Брадерс, Есма Реџепова и Наум Петрески, како и групата Инфузија и „Перо Бели“.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува повеќе од 15 векови и која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

Василичарите денес околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани каде што ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, некаде околу 17:00 часот, со што се верува дека се ослободуваат од злото и годината ќе им биде среќна и бериќетна.

XS
SM
MD
LG